Предлогот за промена на Уставот помина на Влада и треба да влезе во собраниска процедура. Владата на вчерашната седница го разгледа и усвои текстот на Предлогот за пристапување кон измена со насоки за измена и дополнување на Уставот и одлучи документот да биде доставен до Парламентот.

Владата повика на конструктивност и постигнување натпартиски консензус за усвојување на уставните измени како дел од преговарачката рамка со Европската Унија, и услов за продолжување на преговорите со ЕУ.  Смета дека пред граѓаните и државата е „неповторлива шанса за потврдување на европскиот пат, забрзување на европските интеграции и остварување на оваа европска цел до 2030 година“.

-Граѓаните заслужуваат да бидат европски граѓани, да имаат европски квалитет на живот и европски животен стандард, во европска држава, а тоа да биде нивната родна земја. Исто така, во услови кога во геополитичкиот контекст, нашите стратешки пријатели САД и државите членки на НАТО и на ЕУ во Република Северна Македонија гледаат фактор на стабилноста, ни доликува, како граѓани и како држава – доверлив партнер на демократската меѓународна заедница, да придонесеме во безбедноста на регионот и ЕУ, истакнаа од Владата