Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување уставноста на одлуката на Собранието за уставни измени донесена на 19 октомври. Шест судии гласаа за отфрлање на иницијативата, додека тројца беа против.
Како образложение на одлуката Судот оцени дека оваа одлука не е пропис и затоа одлучил да не навлегува во оценување на уставноста на оваа одлука.
Пред донесувањето на одлуката на Судот, имаше бурна расправа меѓу судиите дали треба да се прифатат двете иницијативи поднесени од страна на Светскиот македонски конгрес и од адвокат Томе Тодоровски од Свети Николе.
Судиите Јован Јосифовски и Елена Гошева смета дека отворањето на Уставот е важно прашање кое заслужува внимание и дека судот треба да ги земе во предвид двете иницијативи.
Според Гошева, судот расправал и за далеку понебитни прашања, како тоа дали некои работници се отпуштени од работа по промена на власт и дека ова заслужувало внимание.
Во однос на Собранието, исто како и за прашањето на референдумот не е наведено дека ќе се промени името на државата. Од каде му е на Собранието надлежноста да го промени името на државата – праша Гошева.
Јосифовски изрази став дека е спорен и делот каде за отворање на уставни измени се гласаше со 80 пратеници, повикувајќи се на одлуки на претседателите на Собранието, Стојан Андов и Тито Петровски, кога за двотретинско мнозинство барале 81 пратеник.
Не може судот да бега и да вели дека не е попис. Сметам дека треба да се утврди начинот на кој е донесена одлуката и дали е донесена со потребното мнозинство – нагласи Јосифовски.
Судиите исто така не прифатија за ова прашање да има јавна расправа и подготвителна седница, а подоцна ќе излезат со конечната одлука дали иницијативата е прифатена или отфрлена.
Comments are closed for this post.