Верувам во граѓаните, како што тие веруваа во мене, во институциите, во партиите што ги поддржуваа досега и затоа сум убеден дека на крајот граѓаните ќе рефлектираат со излезноста неопходна да се реши прашањето за името и конечно да станеме членка на ЕУ и НАТО, изиави денеска во интервју за МИА претседателот на Собранието Талат Џафери.

Џафери вели дека нашите граѓани се свесни да ја разберат тежината и потребата лично да го искажат својот став на референдумот и да превземат дел од личната одговорност за нивната индивидуална иднина и за нивните семејства во целина.

Собранието ја започна медиумската кампања за референдумот, а пратениците преку Коализицијата „За“ референдумот се обраќаат и имаат средби со граѓаните. Џафери за МИА вели дека заклучно со вчера Парламентот склучил 51 договор со ТВ и радија за медиумско претставување на пратениците кои го поддржуваат референдумското прашање, а во текот на денот се очекува тоа да биде направено и со останатите. Договори се склучуваат, потсетува тој, со медиумите кои во предвидениот рок доставиле ценовници за медиумско претставување за референдумот до ДИК, онака како што е предвидено, за девет минути на час. Џафери обајснува како ќе се одвива кампањата на пратениците, но и како тој ќе се вклучи во неа.

Во очекување на ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за референдумот и евентуалното вклучување на нивните пратеници во кампањата, претседателот на Собранието посочува дека „ако има, кога и да има одлука да се приклучат средствата се на располагање“, но потенцираше дека активностите треба да бидат без партиска иконографија и оти тие ќе може да се вклучат во оној медиумски дел од девет минути во еден час.

Претседателе Џафери, Собранието вчера ја започна официјално кампањата за референдумот на 30 септември, иако некои од пратениците и претходно имаа средби со граѓани и изјави. Рековте дека Собранието официјално кампњата ќе ја води преку медиумски закуп. Со колку медиуми Собранието склучи договор и на кој начин ќе се одвива оваа кампања? 

Собранието се раководи од одлуките на Државната изборна комисија во однос на роковите за доставување на ценовниците за процедурите предвидени со соодветените прописи. Одлуката на Координативното тело е, имајќи го предвид и Буџетот за кампањата, тоа да биде во електронските медиуми ТВ и радија на национално, регионално и на локално ниво и во рамки на ценовниците кои ги доставија медиумите да се откупи простор по цена на чинење по секунда поднесено до ДИК. Ние од ДИК го добивме списокот со медиуми кои во определен рок со одлуката ги доставија ценовниците и од тоа не можеме да отстапиме, не може да се навлезе во дијалог за цената за да се пазариме, условно кажано. Тие цени се фиксни. Собранието склучува договори со тие медиуми. Заклучно со вчерашниот ден Собранието потпиша 51 договор, преостануваат другиот дел од медиумите кои очекуваме во текот на денот да дојдат во Собранието и да ги потпишеме договорите и со другите медиуми и со тоа да го заокружиме формално-правниот аспект за воспоставување облигациони односи.

Во каков формат ќе бидат презентирани вашите пораки преку ТВ и радио, дали пратениците ќе имаат и средби со граѓаните? 

Тоа е комбинирана работа, и учество на пратениците на одредени собири со граѓаните, впрочем и мое присуство на такви собири, преку материјали кои ќе се доставуваат до Собранието од Коалицијата „За“, знаете пратениците ја направија коалицијата „За“ и тие материјали не смеат да имаат партиски предзнак односно никакви симболи за да бидат дел од кампањата и истите на дневна основа, според медиа планот, се доставуваат до медиумите во времето во кое што е планирано.

Дали Собранието ќе има снимена кампања, како на пример во време на избори? Снимени ТВ и радио пораки? 

Можно е да користиме дел од снимките кои ќе се прават на настаните каде што ќе бидеме присустни, но без партиски предзнаци.

Имате ли слика како сума колку би ги чинела ваквата кампања пратениците кои го поддржуваат референдумското прашање? 

Сумата ја имаме како определени средства за тоа, но тоа не значи дека како сума ќе се потроши цела. На дневна основа водиме сметка за тоа, во смисла дека не смеат да се пречекорат сумите од она одобрено наменски за оваа работа, затоа што не може да се надополни од други сметки.

Вие како претседател на Собранието на каков начин ќе се вклучите во оваа кампања? Дали имате одредена агенда која ќе ја следите или ќе се приклучите на собирите на Коалицијата „За“ или на ДУИ, чиј член сте, и која најави дека ќе има активности за поддршка на референдумот? 

Коалицијата се реши да има и определни јавни собири во поголемите места и на некои од нив ќе бидам и јас. Вчера бев на отворањето на кампањата во Тетово. Сите обраќања беа во контекст на кампањата за референдумот. Јас сум член и пратеник на ДУИ, но во случајов нема пречка бидејќи Собранието е носител на кампањата, а јас сум претседател на Собранието и оттука извира правото и можноста да се биде во кампања и да се учествува на сите тие настани, кои повторно кажувам содржински нема да имаат партиски предзнаци. Можеби иконографијата може да рефлектира и да укажува на припадноста партиска, но содржината се однесува на кампањата и со тоа мислам дека е обезбедено соодветна легалност и легитимност за мое присуство.

На прес-конференцијата кога го објавивте почеток на кампањата за референдумот, рековте дека на наменската сметка за референдумот остануваат средствата наменети за пратениците од опозицијата, кои да потсетиме ви испратија допис? 

Да, така е. Распределбата на средствата ја направивме спрема изјаснувањето на пратениците во врска со моето писмо во однос на тоа дали се „за“ или „против“.

Се очекува опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ денеска, утре да излезе со официјален став за референдумот. Дали доколку, сепак, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја променат својата одлука и решат да се вклучат во кампањата, Собранието ќе им овозможи да ги искористат овие средства? 

Секако дека постои таква можност затоа што законот зборува за пропаганда која е предвидено кога завршува, а не одредува кога треба да почне и да се вклучи во кампањата. Во тој контекст, моето толкување е можноста опозицијата во секој момент ако се реши да се приклучи кон кампањата па и со определбата „за“ и „против“ сметам дека е легитимно право да се премислат и впрочем, мојот јавен повик беше да се премислат и да се вклучат во кампањата, затоа што тоа се интереси на граѓаните и на државата како меѓународен субјект. Во тој контекст, ако има, кога и да има одлука да се приклучат средствата се на располагање, пак кажувам, без партиска иконографија ќе може да се вклучат во оној дел медиумски од девет минути во еден час.

Пречек на Столтенберг на аеродромот

Деновиве имавте многу средби со претставници од меѓунардоната заедница. Впрочем во Македонија беа дојдени германската канцеларка Ангела Меркел, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, австрискиот канцелар Себастијан Курц, но и сенатори од Франција и САД. Која е пораката што ќе ја пренесете од сите овие средби и која е вашата порака и како претседател на Собранието и како човек кој целосно стои зад одлуката за референдумот, кој ќе ја одреди иднината на земјата?  

Пораките на сите меѓународни пријатели кои не посетија дека сега е моментумот и политичките чинители и граѓаните да се приклучиме кон можноста историска која што е дадена во интерес на граѓаните и на државата за да ја надминеме и последната пречка кон влезот во НАТО и во ЕУ и со тоа нашироко да ни се отвори полето во правецот на европската интеграција на земјата. Мислам дека многу нешта кои се случуваа и во регионот и пошироко се показатели дека нашето подрачје е ранливо и мислам дека сме свесни сите, а јас убеден и верувам во свесноста на нашите граѓани без оглед колку што може да мисли некој дека граѓаните се само слепо послушници на политичките партии, но имајќи го предвид сето искуство со сите случувања, нашите граѓани се доволно свесни за да ја разберат тежината и потребата лично да искажат став и да земаат и да преземаат дел од личната одговорност од иднината нивна и индивидуална и за нивните семејства во целина, и за општеството и за државата воопшто, и јас верувам во граѓаните, како што тие цело време верувале во мене, во институциите, во партиите коишто ги поддржуваа досега и затоа сум убеден дека на крајот граѓаните ќе рефлектираат со излезноста неопходна да се реши ова прашање и конечно да станеме членка на ЕУ и НАТО.