Избришани неколку компјутери во СЈО и процесот е запрен „за да се оттргнат сомнежите за какви било други мотиви“, објавува 360 степени.

„Во насока на зголемување на информатичката безбедност на целокупните електронски податоци со кои располага ова ЈО, имајќи предвид дека привршува процесот на преслушување на разговорите од незаконското следење на комуникациите, беа преземени активности со кои сите податоци од значење за работењето на ова ЈО и разумната потреба за архивирање, беа бекапирани и обезбедени. Воедно беше извршено форматирање на неколку компјутери на стручната служба со цел безбедносно отстранување на евентуално зачувани разговори на нивните компјутери. Ваквиот процес беше запрен за да се оттргнат сомненијата за било какви други мотиви на делување. Ве уверуваме дека стануваше збор за активности од безбедносен карактер кои беа планирани од претходно и за кои беа известени и вработените во СЈО. Сакаме да појасниме дека и во минатото се случувало да бидат преземени вакви мерки поради организациони причини“, е одговорот од СЈО доставен до медиумот.

Според 360 степени со форматирањето, во првиот бран, биле опфатени повеќе компјутери на стручни соработници во обвинителството, а следни на ред биле машините на кои работеле истражителите и обвинителите. Бришењето се случило минатата недела, најверојатно во петокот (26 јули), а по алармот од загрижени вработени што за време на викендот (27 и 28 јули) го пренесе „360 Степени“, операцијата вчера (29 јули) е стопирана. Запирањето, како и отпочнувањето на „чистењето“, не можело да биде без знаење на Катица Јанева, пишува медиумот.

Информатички експерти за медиумот анализираат дека според „вордингот“ во соопштението од СЈО „извршено форматирање на неколку компјутери … со цел безбедносно отстранување на евентуално зачувани разговори“, најверојатно треба да се подразбере дека „чистењето“ е направено со т.н. „вајпинг“ (wiping). Тоа е техника што оневозможува враќање на податоците за претходното работење на конкретна машина, за разлика од обичното „форматирање“, кое овозможува тие информации да се возобноват дури и по бришењето.

360 степени објавува и порака од ИТ-одделот во СЈО, испратена до вработените на 8 јули 2019 г., во која пишува:

„Колеги ПОЧНЕТЕ со средување на податоците кои ги поседувате на вашите компјутери и усб-а. Организирајте ги податоците по предметно работење. Комплетно избришете се што НЕ е поврзано со работењето во СЈО. Доколку имате приватни податоци, зачувајте ги на приватни усб-а. Кога ќе заврши процесот ќе бидете повикани да се изврши форматирање на секој компјутер и усб. Процесот ќе се одвива етапно“.

Оваа порака е пратена една недела пред ОЈО за гонење организиран криминал и корупција да отвори истрага за случајот „Рекет“