Се надевам дека во брзо време оценката за работењето на в.д. директорот Горјан Тозија ќе ја дадат надлежните истражни институции.
Ова за „Пресинг“ го вели продуцентот Роберт Насков по недоразбирањата што ги имаат со првиот човек на Агенцијата за филм околу филмот „Ослободување на Скопје“ и тужбата што ја има поднесено.
Тој уверува дека Тозија лажно се претставувал во име на „Партизанс“ и се потпишувал дека ќе го продава филмот.
Не е вистина тоа што го изјавува Данило Шербеџија и веројатно постои причина зошто го прави тоа. Стојам на тврдењето дека никогаш никому, ниту јас ниту Александар Поповски, не сме дале ни писмена, ни усна дозвола за продажба на филмот “Ослободување на Скопје”. Зошто Горјан Тозија би имал дозвола и право да го продава филмот кога правата за тоа ги има ДФВП “Партизанс” каде сопственици сме јас и Александар Поповски?! Постојат мејлови каде сите инволвирани продуценти и копродуценти, меѓу кои и Данило Шербеџија, се неми на моите прашања за тоа кој го продал филмот и зашто македонскиот мнозински продуцент ДФВП “Партизанс” не е информиран и вклучен во тоа, објаснува Насков.
Насков е непријатно изненаден од однесувањето на Данило Шербеџија кој е режисер и продуцент на филмот кој тврди дека оскаровската кампања за филмот “Ослободување на Скопје” ја платила “MP Produkcija” од Хрватска кога многу добро знае дека за тоа средствата ги обезбеди Агенцијата за филм на Македонија.
Не знам зошто Данило Шербеџија тврди дека Оскаровската кампања за филмот “Ослободување на Скопје” ја платила “MP Produkcija” од Хрватска кога многу добро знае дека за тоа средствата ги обезбеди Агенцијата за филм на Македонија. За ова постојат уредни одлуки, договори, извештаи и трансакции во архивата на Агенцијата за филм. Кога в.д. директорот би имал барем малку доблест би застанал во заштита на интересите на македонскиот филм и исто така би го демантирал ова тврдење на Данило Шербеџија. Тој многу добро ја знае вистината, а ја има и целата документација која докажува дека Оскаровската кампања е платена со пари од македонските даночни обврзници. Горјан Тозија треба да и одговори на македонската јавност зошто не го демантира Данило Шербеџија и зошто не се залага парите од продажбата на филмот да дојдат во Македонија. Должен е и да одговори зошто го оштетува буџетот на државата штитејќи ги личните и интересите на своите пријатели од “MP Produkcija” од Хрватска, а не интересите на граѓаните што го плаќаат, вели Насков.
Насков има прашање и за Тозија зошто не го демантира Данило Шербеџија и зошто не се залага парите од продажбата на филмот да дојдат во Македонија.
Должен е и да одговори зошто го оштетува буџетот на државата штитејќи ги личните и интересите на своите пријатели од “MP Produkcija” од Хрватска, а не интересите на граѓаните што го плаќаат-додава Насков.
Од друга страна пак Данило Шербеџија вели дека е непријатно изненаден од кривичната пријава на Насков бидејќи немало никаква продажба на правата на филмот без негово знаење.
-На тој состанок бевме присутни јас, Насков, Тозија, Нола и Раде. Имаше долгови кон Раде, Нола и Тозија, па затоа беше договорено да се проба филмот да се продаде. Тоа е направено со благослов на Насков. Речиси целата Оскар кампања (пат до Лос Анџелес, сместување и другите трошоци, како и подготовките за снимање, патување во Скопје…) ги покри МП-продукција. И нормално е дека парите требаше да им се вратат преку продажбата. И мене продукцијата ми остана должна, но тоа е помал износ, па прејдов преку тоа. Насков ми напиша дека парите се потрошени за долгот што ги имал за сценографијата. Тоа е сѐ што знам за ова“, изјави Данило Шербеџија за „Пресинг“.
Поради војната и тужбата што имаат со Тозија, Насков се сомнева и дека, Агенцијата за филм ги нема во целост исплатени средствата за серијата Зоки Поки.
Однесувањето на в.д. директорот на Агенцијата за филм кон мене и моите проекти ми дава за право да се се сомневам дека неисплаќањето на средствата за ТВ серијата “Зоки Поки” е поради откривањето на неговото лажно преставување во име на ДФВП “Партизанс” и нелегалната продажба на филмот “Ослободување на Скопје”, односно поради кривичната пријава. Од друга страна тој исплати милионски суми за 27 проекти без никакви критериуми и банкарски гаранции само со изговор дека им помага на филмските работници. Во серијата “Зоки Поки” исто така беа вклучени голем број на филмски работници кои поради самоволието и селективноста на Горјан Тозија сеуште ги немаат добиено своите хонорари. Во неколку наврати ја информирав Агенцијата дека за да може непречено да се одвива реализацијата на серијата подигнав кредит и барав проектот “Зоки Поки”, како и филмските работници ангажирани во него, да бидат еднакво третирани како и останатите проекти, доколку се разбира Горјан Тозија навистина сака да им помогне на филмаџиите. За жал до денес, иако серијата е веќе емитувана и ги има исполнето сите обврски од договорот исплатата не е завршена. Сметам дека ова е повеќе од доволно да се сомневам во причината зошто Горјан Тозија не ја исплаќа серијата “Зоки Поки”, вели Насков за Пресинг
Comments are closed for this post.