Вчерашното барање на Бојан Јовановски-Бојан 13 да му се овозможи на 25 овој месец да поднесе кривични пријави против сите лица за кои знае дека учествувале во криминални дејанија е сериозен тест за Судот, особено за судијката Васка Николовска-Масевска, која го водеше случајот „Рекет“.

Судијката Николовска-Масевска во текот на процесот одржа брифинг со новинарите, кои го следеа процесот, и тогаш, меѓу другото, изјави дека одвај чека да ја напише пресудата. Тогаш судијката беше претставена како судија која за првпат воведува таква пракса со новинарите и најави и друг брифинг, но по се изгледа корона вирусот придонесе за пореметување на плановите. На тоа се надоврза уште едно признание-нејзината дозвола да се снима и фотографира Судечкиот совет, што исто така беше за првпат сторено од еден судија. Но, остана дилемата дали средбата беше организирана со вистинска желба за брифинг или да се искористи како можност за нејзино оградување дека не го видела доказот со бр. 82, а тоа беше фотографијата на која беше прикажан Зоран Милески-Кичеец во друштво со адвокати и познат брат на еден врвен политичар од власта.

Една од главните поенти на судијката Васка Николовска-Масевска на вчерашното објавување на пресудите за случајот „Рекет“ на Бојан Јовановски-Боки 13 и поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева, беше враќање на вербата во судството кај граѓаните и оти тие имаат право да знаат кој и зошто им ја уништил вербата во правото и правдата.

Но, судијката Николовска-Масевска се лаже ако мисли дека тоа може само она да го стори тоа и само со една пресуда, па било да се работи за случајот „Рекет“. Не само затоа што апсолутно не се покажа и докажа каде точно завршиле парите на бизнисменот Јордан Камчев, туку неспорниот факт дека ваков процес не може да биде имун и без длабока вмешаност на највисоки политички фактори во државата.

Човек може да биде малициозен и веднаш да забележи дека Судот донел одлука каква што донел не врз основа на докази, туку врз основа на лично убедување на надлежната јавна обвинителка. Зашто, самата таа призна пред новинарите дека нејзино лично убедување е дека парите завршиле кај Боки-13 и скапата играчка наречена телевизиски медиум. Затоа, мора да се причека деталното образложение на пресудата и каде Судот ги видел доказите и фактите. Со конкретни докази и факти беше потврдено дека Боки-13 потрошил само 150.000 евра. За остатокот немаше приложена ниту една друга сметка, фактура, платна листа, сметки за струја, вода… Ништо од тоа.

Исто како што немаше конкретен доказ дали Јанева ги земала 50.000 евра и каде, всушност, завршиле тие.

Значи, за се ова Судот ќе треба да даде детални образложенија.

Ако Судијката Николовска-Масевска навистина сака постепено да се враќа довербата во правосудството кај граѓаните, тогаш прво што треба да стори е на Боки-13 да му овозможи да ги поднесе најавените кривични пријави. Дали и колку ќе бидат тие издржани и оправдани е работа на надлежното обвинителство. Но, Судијката мора да овозможи да биде направен првиот чекор.