Судијата Огнен Ставрев на денешното рочиште за случајот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство, наведе дека судењето се одложува за 13 мај.
Имено, Ставрев истакна дека одложувањето е поради оправдано отсуство на судијата Осман Шабани, кој е дел од судечкиот совет.
Случајот „Титаник“ се наоѓа во доказна постапка и се изведуваат докази предложени од СЈО. Станува збор за околу 5.900 материјални докази. Се презентираат лични документи, како барања за издавање лични карти, изјави за ополномоштени лица, извадоци од сметки, потврди и други документи.
Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Comments are closed for this post.