Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, како предлог на ДУИ, е најголем фаворит да стане нова македонска амбасадорка во Вашингтон. Во најтесен избор за ова амбасадорско место се и професорот Љубомир Фрчкоски, како предлог на претседателот Стево Пендаровски, како дипломатот Паскал Стојчевски, како предлог на шефот на дипломатијата Никола Димитров, но лидерот на ДУИ, Али Ахмети инсистирал таа позиција да ја добие неговата партија, пишува магазин.мк.

Овие три имиња се кристализирале во изминатите две недели на интензивни преговори за пополнување на дел од празните амбасади на Македонија, чиј број е 25 амбасади. Меѓу дипломатските претставништа што во моментов се без амбасадори се и важни позииции како споменатата во Вашингтон, но и во Пекинг, Рим, Белград, Атина или Обединетите нации.

Засега, договорени позиции се Рим и Обединетите нации. За амбасадор во Рим ќе биде упатен Рами Реџепи, дипломат од МНР, близок до ДУИ, кој порано беше амбасадор во Сараево. За шеф на амбасадата при Обединетите нации во Њу Јорк договорено е да замине Емил Кирјаз, кадар на ЛДП, поранешен државен секретар во МНР во времето на Илинка Митрева. Кирјаз би бил и првиот македонски амбасадор кој е активен поддржувач на ЛГБТ заедницата во Македонија, како и на ниво меѓународната асоцијација на либерали.

За амбасадор во Тирана ќе биде предложен Данчо Марковски од НСДП, кој беше амбасадор во Загреб во времето на Груевски.

Доколку Паскал Стојчевски, кој во времето на Груевски беше амбасадор во Прага, не го добие местото во Вашингтон, министерот Димитров инсистирал тој да биде назначен за во амбасадата во Хаг.

Како што пишува магазин.мк, и за амбасадата во Пекинг има спор меѓу Димитров и Пендаровски околу предлогот на министерот таму да ја испрати Елизабета Георгиева од МНР, но претседателот утврдил нејзин конфликт на интереси поради сопругот кој е висок дипломат на друга држава исто така во Пекинг. За тоа кој ќе биде амбасадор во Кина се очекува да пресече Заев, кој имал свој адут од стопанската фела за тоа место, објавува магазин.

За амбасадор во Стразбург при Советот на Европа има двајца сериозни кандидати од МНР, дипломатите Светлана Гелева и Сашко Тодоровски, првата поблиска со министерот Димитров, додека Тодоровски е поблизок со Виктор Димовски, поранешниот државен секретар на МНР.
За испразнетото место државен секретар во МНР се спо енува името на Васко Грков, поранешен генерален конзул во Минхен, а политички близок до кавадаречкиот пратеник Панчо Минов, кој делува како независен.

За празното амбасадорско столче во НАТО, најсериозен кандидат е Катерина Ставревска, шеф на кабинет на министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и активен член на ОО на СДСМ во Центар.