Пациентите со хемофилија можеа да останат без неопходната терапија бидејќи Министерството за здравство повторно го пролонгирал тендерот за фактори за коагулација. Станува збор за набавка на неопходни лекови во период од една година во висина од речиси 170 милиони денари, односно 2,7 милиони евра.
Според електронскиот систем за јавни набавки објавениот тендер требало да биде отворен на ден 29.10.2018 година, но истиот е пролонгиран, поради докомплетирање на документите за утврдување на способноста и исполнување на техничките услови, дознава ПресингТВ. Со цел да се набават неопходните лекарства за тешките болни, Министерството, како што неофицијално дознаваме од два извори кои сакаа да останат анонимни, потпишало договор со една веледрогерија, па од утре факторите за коагулација ќе почнат да се дистрибуираат.
Според неофицијалните информаци од Министерството, барањето за продолжување е поднесено и експресно одобрено за веледрогеријата „Промедика Скопје“, која во јавноста важи за блиска до власта.
Што се случува со тендерот, зошто е пролонгиран, дали некогаш се случило на барање на економски оператор да биде пролонгиран рокот, побаравме одговор од Министерството.
„Тендерот за набавка на фактори за коагулација, број на оглас 22/2018, вчера (понеделник) беше отворен во 12 часот. Комисија од Министерството и стручна комисија работат на евалуација на пристигнатите понуди“, се вели во писмениот одговор од Министерството.
Извори на ПресингТВ, брифираат дека со образложение за „докомплетирање на документи за утврдување на способност и исполнување на технички услови“, досега се нема случено да биде пролонгиран тендер, коментирајќи дека се е многу симптоматично.
Неофицијално дознаваме дека во меѓувреме е распишан повик за непосредна спогодба без објава на тендер за набавка на фактори за коагулација во четири очи.
Во земјава, пак, има неколку здруженија на хемофиличари, кои Пресинг Тв ги контактираше. Член на едно од здруженијата индиректно ни ја потврди информацијата дека е потпишан договор и оти добиле уверување оти факторот ќе се дистрибуира низ цела Македонија.
По објавувањето на аферата за тендерот со биохемиски анализи, се отвора прашањето дали повторно се мести тендер, овој пат за набавка на фактори за коагулација, а сето тоа се крши преку грбот на пациентите со хемофилија?
ПресингТВ се обрати и до „Промедика“ со цел да добие изворна информација дали е точно дека со неа е постигната директна спогодба, но до крајот на нивното работно време не добивме одговор од веледрогеријата.
Инаку јавниот повик за доделување договор за јавна набавка бил објавен на 14 септември годинава.
Болните од хемофилија А и Б во изминатиов период изразуваа стравување дека ќе се соочат со уште поголема криза бидејќи во земјава нередовно се врши снабдување со терапијата што им е неопходна, како што се факторот за коагулација на крвта. Од Здружението на хемофиличари во август предупредија дека се доцни распишувањето на тендерот од страна на Министерството за здравство и дека со тоа се доведува во опасност животот на овие пациенти.
Според Центарот за хемофилија, во Македонија има над триста граѓани болни од хемофилија А и Б.
Comments are closed for this post.