Ваков пример на додаток за работа со доверливи податоци не ми е познат. Мислам дека не е во ред, вели за Лидер.мк првиот човек на Транспарентност Македонија, Слаѓана Тасева.
Додатокот за доверливост за да не се открива тоа што е слушнато во „бомбите“, што го примале специјалните обвинители и други вработени и невработени лица ја згрози јавноста, зашто станува збор за огромни суми пари. Само Катица Јанева вон редовната плата примила 157.000 евра.
-За спецификите на нивната работа тие имаат висока плата. Би било добро да видиме документ од каде произлегува тој додаток, вели Тасева.
Според првичните реакции, додатокот за доверливост, наводно, произлегувал од законските одредби за веќе мртвото СЈО. Но, откако денеска во просториите на Обвинителството влегоа претставници од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за да ја прочешлаат финансиската документација, неименувани обвинителски извори од членовите на СЈО ја менуваат плочата. Според нив, додатокот сега бил дел од внатрешните акти на „специјалното“ обвинителство!
Примањето огромни средства како додаток за доверливост го наметнува прашањето дали по тој основ, на пример, добиваат пари и вработените во сите структури на безбедносниот сектор?
-Вработените во службите за безбедност за сложеност на работата имаат 20% варијабилен додаток и бенифициран стаж. Оваков пример на додаток за работа со доверливи податоци не ми е познат, потенцира Тасева.
Дури и да се стават на страна законските или внатрешните акти, сепак останува нешто што се нарекува морал и етика. Само за потсетување, на пример, на 4 декември 2017 година, тогашниот американски амбасадор во Скопје, Џес Бејли, обелодени дека членовите на ДИК, по локалните избори, поделиле бонуси во износ од четири месечни плати додека за предвремените парламентарни избори си поделиле бонуси во висина од пет месечни плати.
-Едногласно било изгласано во Комисијата, без разлика на партија или етничка припадност. И персоналот вработен во Комисијата добил помали бонуси. Но, гласањето се одржало зад затворени врати, надвор од очите на јавноста, изјави тогаш поранешниот амбасадор.
Comments are closed for this post.