Јазикот не се негува со честитање, туку со правилно користење. Јазикот се сака со обемен фонд на часови во училиштата, со издигнување на Катедрата за македонски јазик на ниво на институција од стратешко значење, со доволен број лектори вработени во медиумите, во институциите, со уважување на нивната работа. Со почитување и спроведување на Законот за македонски јазик.
Јазикот се сака и почитува со секој испишан збор, со секој изговорен глас, со употреба на кирилицата, со употреба на стандардните синтаксички, мофолошки и правописни форми.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска го честита Денот на македонскиот јазик, 5 Мај. Знам со сигурност дека Ковачевски не седнал да ги срочи неколкуте реда текст објавени од негово име на Фејсбук, но сеедно. Оној кому Ковачевски му го доверил своето име, затоа и ќе го поистоветам со самиот премиер, во честитката направил дури четири грешки.
Во Правописот на македонскиот јазик пишува дека „надреден знак (`) се става над е во кратката заменска форма нè, над и во кратката заменска форма ѝ и во количествената заменска форма сè, на пр.: Никој не нè виде. – Со сè се мие. – На сè се смее. – Влезе и ѝ кажа тивко.
Три куси правила, а толку невозможно да се научат…
Формата создавател која верувам дека е искористена за да му се даде „поетски шмек“ на текстот не е каратектеристична за македонскиот јазик, туку за рускиот и бугарскиот. Во духот на македонскиот јазик ќе речеме создател.
И на крајот, удвојувањето на индиректниот предмет. Балканска појава исклучително карактеристична за македонскиот јазик. Ја има во два словенски јазици од балканските, македонскиот и бугарскиот, но само во македонскиот е задолжителна и цврсто втемелена. Или ако сакате, а да не навлегуваме во наука, една од главните карактеристики со која македонскиот јазик се разликува од бугарскиот.
Јазикот се сака со познавање на јазикот, а не со честитање, премиеру!
Comments are closed for this post.