Сѐ е законски со парцелата кај Холидеј ин. Законски е извршена и продажбата на државното градежно земјиште, изјави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Согласно Законот за градежно земјиште секој кој има повеќе од 30 проценти од парцелата му се дава можност да го откупи градежното земјиште. Така е постапено и во овој случај, а има позитивно мислење и од Државното правобранителство, изјави министерот Сугарески, одговарајќи на новинарски прашања по состанокот со Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија.
За натамошните работи во делот на градбата Сугарески упати на одговори од општина Центар.
Како што информираа претходно од ресорното Министерство, купувач на парцелата е ДТПУ М.Г. Фешн ДОО увоз-извоз Скопје и ТДГ ОБНОВИТЕЛИ ДОО Скопје. Договорот е склучен на 25. минатиот месец со непосредна спогодба согласно член 68 од Законот за градежно земјиште.
Конкретната градежна парцела, како што наведоа од ресорното Министерство, е отуѓена по цена од 19.200 денари за метар квадратен, за што е уплатена вкупна сума за градежното земјиште во сопственост на државата во износ од 173.721.600 денари во Буџетот на Република Македонија.
Вкупната површина на градежната парцела изнесува 13.653 метри квадратни, од која приватна сопственост е 4.605 метри квадратни, а сопственост на државата изнесува 9.048 метри квадратни.
Comments are closed for this post.