Во судската сала во градот Сер, во северна Грција, е невообичаено полно. Луѓето се тискаат на клупите, насекаде има вооружени полицајци. Обвинението не е за силување или убиство, туку за зборот – „допиа“. Допиа е грчки збор кој значи – локално. Истовремено, тој во северна Грција е синоним за славо-македонскиот јазик, кој овде го зборува дел од населението кое се идентификува како славо-македонско.

За многумина во Грција тоа е табу, пишува Дојче веле на грчки јазик во текст посветен на судски процес што се одвива во Сер.

Судот во Сер се занимава со случајот на локално културно здружение кое изведува славо-македонски танци и пее на македонски јазик. Тоа во Грција го допира непријатното и необработено поглавје од поновата историја, оценува Никос Сакелариос. Од 50-те години на минатиот век од страна на државата се вршел притисок врз Славо-Македонците во Грција, раскажува тој. Така било и во неговото село. „Еден летен ден во 1959 година дојдоа вооружени војници. Тие ги истераа луѓето на плоштадот и сите мораа да се заколнат дека веќе нема да го зборуваат својот јазик.“

Во меѓувреме, ретко кој се осмелува да ги истакнува своите славо-македонски корени. Не е јасно за колку луѓе станува збор. „Во најдобар случај има 6.000 избирачи, но има повеќе луѓе кои ја негуваат културата во северна Грција“, објаснува Евагелија Апсис од партијата „Виножито“, која се залага за правата на славо-македонското малцинство. Проблемот, вели таа, е што многу луѓе се плашат јавно да зборуваат за своите корени. Притоа, нагласува Сакелариос, се работи само за тоа да се цени културната разноликост во регионот: „Ние сме грчки државјани. Плаќаме даноци и ја почитуваме државата. Ние едноставно сакаме да ја живееме својата култура и да ги пееме нашите песни.“

Колку е тоа тешко, покажува и судењето во Сер. Доаѓа до кавга помеѓу една лингвистка, која дава изјава како сведок на одбраната, и адвокатите на тужителите. Таа објаснува дека „допиа“ е синоним и за славо-македонскиот јазик, по што ѝ се префрла дека нема доволно познавања за локалните прашања. Судијката која претседава го прекинува судењето. „Засрамете се!“, ѝ довикнува еден од адвокатите на лингвистката која сведочи. „Идиотка!“, додава некој друг. Полицијата ги опколува членовите на славо-македонското малцинство кои го следат процесот. Доаѓа до препирка.

„Кога во селата во северна Грција се слуша зборот „допиа“, тогаш секој знае дека станува збор за славо-македонскиот јазик“, објаснува Костас Демелис, адвокат од одбраната. Но, не е лесно тоа да се докаже пред судот.

„Кој е локалниот јазик во Сер?“, прашува судијката постојано. Сведоците потврдуваат – грчки. Свесно се врти околу жешката каша. Имено, едното не го исклучува другото. Прашањето кое лебди во судницата е: дали славо-македонската култура е дел од Грција?

„Дедо ми, прадедо ми и пра-прадедо ми не се дојдени од којзнае каде, туку отсекогаш живееле овде“, потенцира Никос Сакелариос. Но, за тоа во Грција владее молк, како во образованието, така и во медиумите.

Грчката држава и самата има собрано податоци кои укажуваат на постоење славо-македонско малцинство, вели Константинос Цицеликис, професор за човекови права во Солун: „Во 1951 година имало попис, на кој било поставено прашањето: „Кој е Вашиот мајчин јазик?“. Врз основа на податоците и на поновите научни сознанија, кои документираат постоење на „славјански јазик“ во северна Грција, може да се види дека постои јазичен континуитет“, оценува Цицеликис.

И, иако државата не мора да признае малцински обележја, како јазик и етнички идентитет, тоа не влијае автоматски врз постоењето на малцинството: „Постои пресуда од еден спор помеѓу Грција и Бугарија. Станува збор за прашањето: Кој е малцинство? Меѓународниот суд во Ден Хаг во 1930 година пресудил – малцинството не е правно прашање, туку прашање на факти“, додава Цицеликис за Дојче веле.

Во меѓувреме, во Сер се чека пресудата на судот. „На тоа ќе се почека неколку месеци“, уверен е бранителот Костас Демелис. Тој нема големи очекувања. „Начинот на којшто беше воден процесот укажува дека пресудата е веќе донесена.“ Кога станува збор за табу теми, во тековнава изборна година не се штеди на критики.

Дебатата за славо-македонското малцинство е еден од многуте аспекти со кои Грција мора да се соочи по потпишувањето на Преспанскиот договор. Фактичката состојба е комплексна. Процесот во Сер е само прв чекор за вадење на една табу тема на површината на јавната дебата.