Сегашната политика на Бугарија водена од претседателот Румен Радев, кој инаку е следен од Бојко Борисов, Екатерина Захариева, Красимир Каракачанов и бугарските европратеници Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски, ја спроведуваат упорно политиката на Санстефанска Бугарија, поддржани и од рускиот претседател Владимир Путин.
Ова меѓу другото го пишува првиот претседател на Собранието на самостојна и независна Република Македонија, Стојан Андов, во најновата колумна за печатеното издание на неделникот „Фокус“. Текстот е насловен како „Политиката на Софија лежи на идејата за Санстефанска Бугарија“.
Остварувањето на оваа своја политика, пишува натаму Андов, бугарската влада го заснова на своето неприкосновено право на вето во рамки на ЕУ. Голема штета на РС Македонија и нанесуваат илузиите што ги шират луѓето како Зоран Заев, како бивш премиер и бивш претседател на политичката партија СДСМ и универзитетските професори Владо Бучковски и Денко Малески.
Од нивните изјави потекнува заблуда и јалова надеж на македонскиот народ дека Бугарија во рамките на ЕУ се подредува на европската политика на Унијата, а всушност Бугарија ја минира европската политика и нејзиното проширување на јужен Балкан.
Од овие заблуди, на кои подлегнуваат споменатите политичари, треба да се чува сегашниот лидер на СДСМ и веројатно иден премиер Димитар Ковачевски. На овие околности треба многу да внимава и министерот за надворешни работи, младиот Бујар Османи…
…Треба да имаме во вид дека најверојатно СДСМ, пак, со партнерите, политичарите Албанци во Македонија, ќе формираат влада и треба да водат сметка и да бидат сигурни дека залудно е уверувањето дека Бугарија во својата европска политика се држи до европските принципи. Напротив. Во основите на бугарската политика и натаму лежи идејата за Санстефанска Бугарија и се одразува, не само на приемот на Македонија во ЕУ, туку и на приемот на Албанија во ЕУ и во севкупниот однос кон Македонците и Албанците на Балканот…
…РС Македонија е членка на НАТО и се стреми за полноправно членство во ЕУ, наоѓајќи се пред нејзините врати, и затоа не треба да се допушти да бидеме измамени од политиката на споменатите бугарски државни раководители, како во бугарските, така и во европските институции, каде што основа и натаму во нивната политика е Санстефанска Бугарија.
Посебно е бесмислена политиката што ја водат споменатите бугарски политичари во однос на македонскиот јазик, негирајќи го неговото неспорно постоење во нашата подолга историја, чии корени се во делата на Светите Кирил и Методиј и Свети Климент Охридски, завршува Андов.
Comments are closed for this post.