Аферата Павле Богоевски и неговото тргување на црниот нарко пазар е многу посериозна отколку што неговите сопартијци сакаат да го прикажат. Аферата има два суштински моменти: Павле Богоевски е во центарот на вниманието по аудио материјалот објавен на интернет, по што постои јавно силно сомневање дека е корисник на наркотици односно психотропни супстанци. Павле Богоевски признава дека бил во контакт со криминалното подземје – имајќи предвид дека најмалку тргувал на црниот пазар за наркотици, кој што е воден пред се од криминални организации за кои постои можност да се силен безбедносен ризик, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски кој додаде:

„Сето ова го доведува во прашање неговиот кредибилитет како пратеник во македонското Собрание. Но, тука не станува збор дали Павле Богоевски има само морална одговорност, туку работата е многу посериозна. Павле Богоевски како пратеник е член на повеќе собраниски комисии каде има допир и увид во високо класифицирани државни и безбедносни тајни. Тој е дел од Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање.“

Стоилковски потенцира дека Павле Богоевски поседува Безбедносен сертификат и е во допир со класифицирани документи кои се однесуваат:

„На методите и средствата што ги користат Управата за безбедност и контраразузнавање но и Агенцијата за разузнавање. Материјалната, кадровската и техничката опременост на Управата за безбедност и контраразузнавање и Агенцијата за разузнавање. Значи Павле Богоевски има комплетен увид во функционирањето, опременоста, кадровската поставеност, методите за работа на безбедносните служби на Република Македонија.“

-Оттука, постои силен сомнеж дека Павле Богоевски е лесна цел – што и се докажа со аудио материјалот објавен на интернет – да биде уценуван, поттикнат, или присилен, да сознанијата од класифицираните документи да завршат на црниот пазар! Тоа е сериозен безбедносен ризик за државата. Тоа Павле Богоевски, како човек со диплома од Факултетот за безбедност, асистент и ментор во Полициската академија, добро го знае, и се уште изненадува но и остава огромен простор за сомнеж, зошто Павле Богоевски се уште инсистира да не се повлече од функцијата – пратеник, член на Комисијата за надзор на УБК и на Агенцијата за разузнавање, но и во Комисијата за одбрана и безбедност, подвлекува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ и појаснува:

„Патем, за да се членува во Комисијата за надзор на УБК и Агенцијата за разузнавање, Павле Богоевски мора да поседува Безбедносен сертификат, за кој што има пополнето Безбедносен прашалник, Образец А, кој дава најголеми овластувања, а во кој што има прашање кое гласи: Дали користите или сте користеле наркотици или психотропни супстанции. За точноста на одговорите во тој прашалник се гарантира со целосна морална, материјална и кривична одговорност.“

-Колку и да сака да се забошоти случајот, власта мора сериозно да пристапи кон аферата Богоевски. Се спротивно води кон сериозно намерно рушење на безбедносниот систем во Република Македонија, посочи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.