Обвинителството на Русковска молчи и не кажува дали истрагата за рекетарско – политичко – обвинителскиот октопод го проширила и на таканаречената невладина организација на Бојан Јовановски, Боки 13 наречена „Меѓународен Сојуз“. Тоа ги потврдува сомневањата дека обвинителството тенденциозно ја ограничува истрагата на два лика од плејадата ликови во рекетарските приказни во јавноста, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„Фактот што оваа организација не е опфатена со истрагата остава можност дека со тоа се заштитуваат функционери на СДСМ кои што се дел од мрежата активности на Боки 13“, истакна Стоилковски.

Тој прашува дали е проверена улогата на Фросина Ременски која е почесен претседател на организацијата на Боки 13? Што се подразбира од изјавата на Ременски кога кажува дека имала соработка лично со Бојан Јовановски, Боки 13? Во која насока ја користела функцијата за какво лобирање и за какво влијание?

„Обвинителството мора детално да провери и да и објасни на јавноста за целите на соработка Ременски –  Боки 13. Дали Фросина Ременски имала на било каков начин врска со сомнителната исплата на битолски бизнисмен за која говореа и медиумите во износ од 750 илјади евра, со која наводно се откупувала идеја за изградба на станови? Сумата е скандалозна и сомнителна сама по себе, чиниш се работи за идејно решение за градење на станови на Марс, а не во Македонија“, рече Стоилковски.

Тој потенцираше дека ако навистина Обвинителството сака да го расчисти овој случај тогаш треба да ја прошири истрагата и во правец на организацијата на Боки 13.

„Дополнително обвинителството на Русковска треба да одговори зошто ако на било кој начин е вмешана Катица Јанева во оваа шема на Боки 13, таа се уште не е приведена и и се остава простор, и се дозволува да влијае врз сведоци или форензички да брише докази? “, рече Стоилковски.