Никола Димитров го претвори Министерството за надворешни работи во приватно гранапче на СДСМ, а македонската дипломатија веќе трет месец не е здравствено осигурана, обвини денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Според него, македонските дипломати, амбасадорите, целата дипломатија, службите и вработените во ДКП-ата веќе трет месец земаат плата од државниот буџет, а притоа не им се покрива здравственото осигурување. Овој, како што рече, скандал од огромни размери отвора повеќе скандалозни прашања.

Прво, како е можно министерство, особено МНР, македонската дипломатија да дели плата, а вработените да немаат здравствено осигурување? Како е можно Министерство, дел од Влада, да не уплаќа здравствено осигурување? Каков пример дава Владата, МНР до македонското стопанство, до бизнисмените, со тоа што може да исплатува плата, а вработените да немаат здравствено осигурување, се дилемите што ги постави Стоилковски.

Тој постави и уште еден аспект на проблемот, отворајќи го прашањето каде е Синдикатот на МНР, чија што веројатно последна активност беше да се повикаат вработените на таканаречениот марш за Европска Македонија, односно за поддршка на референдумот за промена на државното име.

Скандалите, кои го следат МНР и работењето на Никола Димитров, не само што не згаснуваат туку и се посилно удираат врз делот што треба да биде репрезент на македонската држава. Димитров знае „среде ноќ“ да среди Комисија за неговата ќерка да добие стипендија, ама не знае или не сака да го реши проблемот на вработените дипломати, кои повеќе месеци не се здравствено осигурани, рече Стоилковски.