Во Владата на Република Македонија не постои таква иницијатива. За повеќе прашања ве упатуваме кон партијата ДУИ и Бујар Османи.

Ова е одговорот на владиниот портпарол Миле Бошњаковски на прашањата, што Пресинг Тв му ги упати во врска со ставовите на вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, изнесени на третиот Конгрес на лигата на Албанците во светот.

Османи во својот настап, меѓу другото, изјавил дека се прават напори за заокружување на идејата дека многу брзо во областа на Стенковец ќе се гради најголемиот центар на албанскиот холокауст во спомен на сите оние кои беа протерани во војната на Косово и кои беа примени во Македонија, но и во спомен на минатото. Според него, идејата е да се изгради една платформа, што ќе биде доволна за помирување на народите, која е единствена гаранција за стабилен регион ориентиран кон интеграција во евро-атлантските структури.

Лицето задолжено за односи со јавност на вицепремиерот не беше достапно за дополнителни објаснувања, додека пратеникот на ДУИ, Артан Груби беше дециден:

Не сум во тек.

Со својот настап и најавите, вицепремиерот отвори повеќе прашања и дилеми. На пример, дали тој и неговата партија ДУИ се откажуваат од последната точка на т.н.Тиранска платформа, која беше основа за формирање на актуелната владина коалиција, по парламентарните избори во декември 2016 година.

За потсетување, во документот се бараше осуда на геноцидот врз Албанците во периодот од 1912 до 1956 година. Сега, наместо геноцид се споменува албански холокауст.

Според Дигиталниот речник на македонскиот јазик, зборот холокауст е именка од машки род и има две значења. Едното е прогонувањето и уништувањето на Евреите за време на фашизмот и другото, убивање во масовни размери. Е, сега, прашање е колку споменот на протераните од Косово и примените во Македонија за време на војната во 1999 година може да се именува како холокауст? Или, колку косовските Албанци за време на конфликтот биле масовно убивани, во степен барем приближно на Евреите?

Да не бидеме погрешно сфатени и разбрани, не дека тоа не претставувало страдање на косовските Албанци, не дека секој здраворазумен не само од овие простори, туку и од светот, не сочувствувал со нив, ама тие да се споредат со страдањата на Евреите за време на Втората светска војна, сепак, во најмала рака, звучат претенциозно.

Конечно, и да се прифатат несомнените страдања на косовските Албанци како непобитен факт, зошто таква платформа би се градела во Македонија, а не на Косово?

Идејата за помирување на народите од балканските простори, како единствена гаранција за стабилен регион ориентиран кон интеграција во евро-атлантските структури, не е ниту нова, ниту прва, ниту ќе биде последна. Но, за нејзина реализација неопходно е прво исполнување на одредени предуслови. Сосема друго прашање е кога тие ќе бидат реализирани за да се дојде до крајната цел.