Oфицијално од денеска започна новата учебна година. По еднодневниот предупредувачки штрајк, организиран од СОНК вчера, наставниците од основните и средните училишта денеска се на час.
Учебната 2019/2020 започна за околу 260 илјади средношколци и основци, од кои околу 20.000 се првоодделенци.
„Имајќи го предвид моето искуство и моите релации како министер за образование и наука со моите партнери, како што е СОНК мислам дека на конструктивен начин ќе продолжиме во периодот што ни претстои. Ќе ги разгледаме сите параметри на конструктивен, рационален начин, ќе ги согледуваме сите податоци и заеднички ќе одлучуваме за итното зголемување на платите во дејноста образование. Но, секако тоа треба да се разгледа и од страна на Владата“, изјави денеска Адеми.
Во Владата, како што потенцира Адеми, има волја за зголемување на платите, тоа лично од премиерот беше пренесено и до претставниците на СОНК.
Од СОНК предупредија – ако преговорите не вродат со плод, од октомври ќе има генерален штрајк.
Лидерот на СОНК, пак, задоволен од одѕивот на наставници вклучени во штрајкот во сите општини, порача дека „веќе е време да се отворат картите зашто песочниот часовник одбројува“. Очекува преговори со МОН во текот на септември од кои ќе зависат нивните следни чекори наредниот месец.
„Месеци наназад немаме конкретна понуда колку и од кога. Мислам дека во септември веќе картите ќе бидат отворени затоа што песочниот часовник одбројува. До крајот на септември ние мора да изнајдеме заемно прифатливо решение во однос на прашањето за зголемување на платите за во октомври да знаеме што понатаму“, изјави Неделков.
Comments are closed for this post.