Во недела ќе се одржи лидерската средба меѓу претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев и првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Една од темите за  кои ќе се разговара ќе биде предлог-законот за Специјалното јавно обвинителство. Претседателските избори и реформските закони исто така ќе бидат теми на дискусија.

Очекувам на лидерската средба со Заев да разговараме за три значајни прашања. Претседателските избори кои следуваат како императив и предуслов за интегрирање во структурите на НАТО и ЕУ, па во делот кој се однесува на реформските закони, бидејќи досега имаше дијалог, тимови работеа на оние закони коишто можеме да кажеме дека се реформски, и ќе разговараме за СЈО и предлог-законот за иднината на СЈО, кој денес го добивме во работна верзија, потврди Мицкоски во емисијата “Отворено” на ТВ Алфа.

Според Мицкоски проектот на Катица Јанева и најголем дел од нејзиниот тим е завршена приказна бидејќи не ги оправдал очекувањата. Демократскиот изборен процес како што истакна тој е предуслов за земја која треба да биде членка на ЕУ.