Наша намера е да се посветиме на имплементација на Договорот со Бугарија преку назначување специјален претставник и со заеднички напори да изнајдеме решение кое ќе го деблокира европскиот процес на државата, а ќе биде во духот на европските вредности со целосно почитување на нашето достоинство. Ова денеска беше истакнато на заедничката прес-конференција на шефот на дипломатијата Бујар Османи и новиот специјален претставник на Владата на Македонија за Бугарија, Владо Бучковски, кои претходно имаа средба во МНР.
Министерот Османи посочи дека се создаваат низа механизми преку кои се прават обиди да се зајакне довербата во политичкиот дијалог меѓу двете земји, особено, како што посочи, да ја вратиме довербата во Договорот за пријателство од 2017 година.
Работиме и на дополнителни форми на акциски планови преку кои не само декларативно, туку и суштински покажуваме сериозни намери да ја засилиме улогата на Договорот за пријателство, особено неговата ефикасност и имплементација. Во таа насока дополнително на овие политички механизми нашата интенција е да се посветиме на имплементацијата на Договорот и преку назначување на специјален претставник чија мандатна цел ќе биде токму реализацијата на прашањата од интерес на двете земји опфатени со Договорот за пријателство и јас би рекол, враќање на довербата во овој најзначаен механизам за надминување на отворените прашања меѓу Македонија и Република Бугарија, истакна Османи.
Тој оцени оти е важно што во овој процес не е назначено, како што рече, техничко лице, туку поранешен премиер на земјата, кој во својот мандат има остварено значаен придонес во унапредување на односите меѓу двете земји кој во исто време е и добар познавач на билатералните односи меѓу двете земји.
Со оваа одлука ја пополнуваме и дипломатската празнина што немаме назначен амбасадор во Софија каде во моментот имаме само вршител на должност и тоа со далеку посилен политички претставник отколку редовен дипломат. Ние како МНР со целиот свој дипломатски капацитет остануваме и натаму посветени на билатералните односи со Бугарија за што во иднина очекувам да имаме блиска и тесна соработка со Бучковски што беше и тема на денешните разговори, додаде Османи.
Бучковски од своја страна рече дека дека во својот мандат ќе соработува со министерот Османи и со Владата во заедничките напори да се изнајде решение што ќе го деблокира европскиот процес на државава.
Се надевам дека со моето искуство, со довербата која ја имам и во бугарската јавност ќе бидам јасен сигнал за посветеноста на нашата Влада во исполнувањето на преземените обврски од Договорот за пријателство и соработка од 1 август 2017, рече Бучковски.
Изрази уверување дека е можно да се стигне до решение кое ќе го одблокира процесот, а од друга страна ќе биде во духот на европските вредности со целосно почитување на нашето достоинство.
Comments are closed for this post.