Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Скопје не побара Македонија да усови уставни измени како во неговата земја. Тој го употреби зборот „својствени“за земјава и порача дека сега е моментов нашата држава, штитејќи го националниот интерес, идентитет и јазик, да ја засили динамиката во евроинтеграциите.

 

Тој момент е сега и треба да се искористи. Сега Македонија може да го забрза процесот. Време е за повлекување на вистинските потези и стратешки одлуки – рече Пленковиќ на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.

 

Процесот на уставни измени е структуриран процес согласно закон и согласно Устав, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање за хрватскиот модел за уставни измени.

Ковачевски беше дециден дека не може да каже што е прифатливо, а што не е прифатливо за него туку дека тој е за тоа работната група во Министерството за правда да изработи предлог којшто одговара на македонското општество, на нашите закони и на она што ние го очекуваме од нашата иднина како идна земја – членка на ЕУ. Премиерот го отфрли предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за лидерска средба бидејќи ставовите на политичките партии се веќе познати.

-Јас не кажав што е прифатливо, што не е прифатливо, кажав дека прво работи работна група во рамки на Министерството за правда во којашто членуваат експерти и во која веќе се поканети претставници на политичките партии застапени во Парламентот и којашто ќе треба врз основа на најдобрите искуства да изработат предлог којшто треба да биде ставен на расправа. И кажав дека има политички партии кои што зборуваат за еден модел, па има политички партии кои зборуваат за друг модел на амандмани, трети зборуваат за трети. Вие кажавте за хрватски, излезе друга политичка партија кажа за швајцарски модел, трета излезе за белгиски модел да зборува и затоа треба да се седне на експертско ниво и да се изработи предлог којшто одговара на македонското општество и којшто одговара на нашите закони и на она што ние го очекуваме од нашата иднина како идна земја членка на Европската унија. Јас не кажав ниту дека сум за нешто за, ниту дали сум за нешто против, рече премиерот Ковачевски.