Советот на јавни обвинители ја почна затворената седница на која треба да дискутира за вмешаноста на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во случајот „Рекет“.
Советот треба да утврди дали има елементи за разрешување на Јанева врз основа на барањето за притвор од Обвинителството за гонење на организиран криминал. На седницата присуствува и шефицата на Обвинителството за организиран криминал, Вилма Русковска, која ќе образложи зошто Јанева е осомничена во истрагата за случајот „Рекет“.
Претседателот на Советот, Коле Штерјев, не сакаше да го коментира исходот од седницата.
Според членот 18 од Законот за СЈО, Советот на јавни обвинители може да почне постапка за разрешување на Јанева врз основа на констатација за незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата. Ако Советот одлучи да ја разреши Јанева со мнозинство гласови, изготвува Извештај, кој го праќа на одобрување во Собранието. Потоа Собранието го враќа Извештајот за разрешување на финално одлучување во Советот.
Comments are closed for this post.