„Социјалистичката партија на Македонија го изразува задоволството од изборот на проф. Гордана Силјановска-Давкова за кандидат за Претседател на Републиката, имајќи ги во предвид меѓусебните коалициони разговори, кои претходеа, за профилот на личноста со изграден авторитет, знаење и способност, личност која ќе може да ги обедини сите граѓани во Македонија.“

Ова стои во денешното соопштение испратено од СПМ.

Од партијата која е коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, сметаат дека нејзиниот избор е резултат и на изграденото внатре партиско единство и сплотеност, како и на коалиционото разбирање и взаемно почитување.

„Особено што за избраниот кандидат безрезервна поддршка изразија и останатите, не помалку квалитетни кандидати, со што ја покажаа својата висока свест, морал и ширина, препознавајќи ги повисоките интереси и цели. Сето тоа претставува и потврда на највисокиот степен на демократски капацитет изразен на самата Конвенција. Покажана е зрелост, сериозност и пред сè одговорност за националните и државните интереси, како предвесник за нужните промени кои ќе се случат.Во овие тешки времиња Социјалистичката партија на Македонија ги повикува сите демократски и слободољубиви граѓани на Македонија на обединување и поддршка на личноста со неспорен интегритет, со вредности и принципи за правда и праведност кои никогаш нема да ги напушти. Таа, како искрен родољуб, нема да го погази Уставот и законот и ќе ги сруши етничките бариери, ќе ги надмине внатрешните подделби, обединувајќи ги спротивставе-ностите“, стои во соопштението.