Секое лице кое директно или индиректно го спречува или е закана за спроведување на Охридскиот рамковен договор или за Преспанскиот договор ќе се најде на црната листа на САД. Декретот кој во вторникот вечер (08.06.2021) го потпиша претседателот на САД, Џо Бајден им дава овластување на сојузните власти да блокираат имот и да им забранат влез на сите лица за кои администрацијата во Вашингтон ќе оцени дека работат на штета на клучните договори во регионот на Западниот Балкан и Македонија, пренесува Дојче веле на македонски јазик.
Декретот кој доцна синоќа по европско време го потпиша Бајден, а го објави Белата куќа носи наслов „Извршна наредба за блокада на имот и спречување влез во САД за одредени лица кои придонесуваат кон дестабилизација на состојбата на Западниот Балкан“.
Извршувањето на декретот ќе биде во рацете на Министерството за финансии на САД во консултација со Стејт Департментот.
Потенцијалните злоупотреби и нарушувања се наведени во седум точки во декретот на Бајден. Па така, на црната листа може да се најде секој кој директно или индиректно ги нарушува мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на земјите од Западниот Балкан. Понатаму, секој кој директно или индиректно се впушта во акции или политики кои ги нарушуваат демократските процеси и институции во регионот. Секој кој извршил или поддржал злоупотреби на човекови права. Секој кој бил вмешан, директно или индиректно, во корупција или поткуп, вклучително и владини претставници на сите нивоа.
Третата точка од декретот ги наведува и сите договори во регионот кои САД ги сметаат за клучни, а чии противници и лица кои работат против нив ќе се најдат на црната листа. Освен Охридскиот и Преспанскиот, тука се уште и Дејтонскиот мировен договор, Резолуцијата 1244 на ОН, како и Хашкиот трибунал, и други.
На листата засега нема имиња на ниту еден регионален политичар, пренесува ДВ.
Ова е трета важна одлука на администрацијата на претседателот Бајден во однос на регионот во последниве недели. Најпрво на црната листа на САД се најде поранешниот албански премиер Сали Бериша, а минатата недела и шестмина бугарски бизнисмени и лица блиски до врвот на поранешната владејачка партија ГЕРБ.
Comments are closed for this post.