Првата жртва на Преспанскиот договор падна – грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, си поднесе оставка која беше прифатена од премиерот Алексис Ципрас. Но, како главна причина за оставката не е само Преспанскиот договор,односно Планот Б за Македонија, туку тајниот фонд кој го имал министерот, а наводно, како што го обвини колегата Панос Каменос, парите му легнувале од Фондациите на Џорџ Сорос. Практично, Коѕијас бил мотивиран од парите на Сорос да го истурка Договорот за името.

Па, ако мечката заигра во туѓиот двор, дали ќе заигра и во нашиот е прашање кое логично се наметнува. Дали и кај нас има некои тајни фондови за „мотивирање“ на инволвираните во прoцесот? И ако имало, од каде доаѓале?

Еден од македонските новинари кои јавно го поставува тоа прашање е и Ердем Ахмет, кој се огласи на својот Фејсбук профил.

Ако Грција користела тајни фондови во преговорите за името, основното прашање кое се наметнува е дали некој од Македонија се офајдил од овие пари?

Прашањето на новинарот и аналитичар доаѓа по извештаите од Атина дека Грција односно министерот Коѕијас користеле 45 милиони вреден таен фонд кој се користел и за спорот за името.

Во минатото македонската јавност беше информирана дека за возврат од грчки служби за попустливост на високи државни претставници во Скопје им биле нудени куфер со милион долари и артефакти со непроценлива вредност.

Според никогаш докрај истражени податоци, во аферата, наводно, бил вклучен некогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски, од македонска, и генералот Николаос Грилакис, од грчка страна. Според непотврдените наводи, Грилакис му понудил на Фрчкоски кофер со 5 милиони долари како цена за да се смени уставното име на Република Македонија.

Македонскиот претседател Киро Глогоров во своите мемоарски записи „Македонија е сè што имаме”, објавена во 2001 година, прв пат пишува за обидот да биде корумпиран со пет милиони долари.

Имаше, тоа првпат ќе го кажам, еден навистина незамислив обид преку грчките специјални служби да се влијае и врз мене, и тоа на извонредно груб начин, да ја прифатам грчката солуција, да направам нешто за да се откажам од името Македонија, пишува во мемоарите, посочувајќи дека токму Фрчкоски му понудил состанок со грчките специјални служби.

Ова го потврдува во своите мемоари и поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов.