По повод 8 Септември, Денот на независноста, писмo со честиткa до претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски упати претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.

 Во писмото се вели дека претседателот Трамп и американските граѓани заеднички упатуваат срдечни честитки до претседателот Пендаровски и граѓаните на Македонија, по повод 28-та годишнина од нашата независност.

 Ви честитам за континуираното спроведување на историскиот Договор од Преспа, кој носи поголема безбедност и просперитет за граѓаните на Северна Македонија. Посветеноста на вашата земја на демократските принципи, владеењето на правото и отчетноста на владата се за пофалба. Соединетите Американски Држави силно ја поддржуваат Северна Македонија на нејзиниот пат кон членството во НАТО, и со нетрпение очекувам да ја продолжиме нашата соработка во унапредувањето на мирот, просперитетот и стабилноста во регионот“, стои во писмото на претседателот Трамп до претседателот Пендаровски.

 

Честитки до претседателот Пендаровски по повод 8 Септември, Денот на независноста, испратија и претседателот на Француската Република, Емануел Макрон, претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, шефови на држави-членки на Европската унија, како и од регионот и од соседството.