Вработените во СЈО бараат помош од амбасадорите, премиерот Зоран Заев, претседателот Стево Пендаровски републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовевски зошто стравуваат дека од понеделник ќе останат без работа.

Ние, вработените во Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, со особено внимание и трпеливо ги следиме актуелните случувања во однос на политичко-правната дебата која се води околу разрешницата за статусот на ова Јавно обвинителство, иднината на предметите коишто се оформени во обвинителството, како и прашањата поврзани за нашиот работен ангажман по евентуално престанување на ова обвинителство.

Во тој контекст, а имајќи ги предвид можните персонални решенија за кои информираат медиумите, сакаме да ја изразиме нашата разочараност поради недоволното внимание кое се посветува на прашањето за иднината на најголемиот дел вработени во ова Јавно обвинителство, се наведува во писмото кое го објави А1он.

Додаваат дека евентуалната ситуација, а чие настапување е се поизвесно, дека предавањето на предметите кои се водат пред ова обвинителство ќе доведе до беспредметност на неговото постоење директно не засегнува нас и нашите права.

„Упатуваме апел до меѓународната заедница која беше дел од процесите на формирање на обвинителството и континуирано следење на неговата работа, која ја помогна изградбата на капацитетите со кои располага обвинителството пред сѐ преку стручно усовршување, обуки и специјализирана едукација на кадарот, внимателно и активно да ги следи актуелните процеси. Исто така, упатуваме повик до сите политички чинители во своите постапувања да се водат од интересите на државата и од определеноста на граѓаните за нејзиното интегрирање во европските демократски процеси, чиишто основни вредности се владеење на правото и правна држава, непречено и ослободено од политичко влијание функционирање на институциите, како и правна сигурност за сите нејзини граѓани, а своите одлуки да ги носат исклучиво согласно важечките закони и истите да не предизвикуваат сомнеж кај граѓаните дека криминалот, без оглед на сторителот, може да остане неказнет. Секое поинакво однесување би значело определба за безобѕирно укинување на придобивките кои ги остваривме во борбата за правда и еднаквост на сите граѓани пред Уставот и законите“, стои во писмото.