Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање, денеска од Делчево порача дека по промената на власта и победата на ВМРО-ДПМНЕ на следните парламентарни избори аферата “Мафија” повторно ќе биде актуелизирана. Тој изјави дека пред лицето на правдата треба да бидат изведени вистинските злосторници, а не луѓето кои одлучиле поради икс причини да ја преземат вината на себе.
Тие луѓе практично го преземаа делото на себе. Од прилика така би го нарекол она што се случуваше изминативе денови. Мене ме чуди како можеше обвинителите да покренат обвинение за луѓето кои што во случајов беа практично уапсени и изведени пред лицето на правдата само за еден член од кривичниот законик, а тоа членот 353 или злоупотреба на службена должност член 353 став 3 каде што казната е максимум 3 години. Имајќи во предвид дека тие го признаа делото логично е дека судот ќе суди со олеснителни околности, наместо три ќе пресуди две години затворска казна, истакна Мицкоски.
Истовремено не можам а да останам нем, рече тој, а да не го споменам разочарувањето и гневот кои што кај мене се чувствува, бидејќи никаде не слушнавме злоупотреба на патни исправи, никаде не слушнавме злосторничко здружување.
Така што, овие луѓе очигледно во договор со нивните началници и повисоките структури во министерството на Спасовски одлучија да ја преземат вината и да одлежат две години, претпоставувам за некаков надомест, но сите што се инволвирани во овој случај треба да знаат половина балканска мафија, албанска мафија, турска, црногорска, италијанска па и шпанска мафија имаат македонски пасоши и ние нема да останеме неми на овој случај, дециден е Мицкоски.
Веднаш на промената на “Илинденска” број 2, порача Мицкоски, веднаш по преземањето и честа за управување со Владата на Македонија, овој случај повторно ќе го отвориме и злосторниците односно вистинските злосторници ќе бидат изведени пред лицето на правдата, а тоа се најмалку овие луѓе кои одлучија да ја преземат вината на себе, туку вистинските злосторници седат во началничките фотелји и се во повисоките структури на министерството на Спасовски, соопшти од Делчево Мицкоски.
Comments are closed for this post.