Бугарските власти тврдат дека немалe контакт со бизнисменот Јордан Камчев кој е сведок-жртва во случајот „Рекет“ . Дојче веле  објавува дека Камчев ги снимал разговорите со двајцата осомничени Бојан Јовановски и Зоран Милевски, кои го уценувале за случајот Империја на СЈО. Аудио и видео снимките од разговорите, Камчев потоа им ги предал на бугарските служби како гаранција доколку нешто му се случи, а од тамошната влада, побарал и добил и заштита.

Бугарските власти одбиваат да ги коментираат ваквите информации, а формално тврдат дека од Камчев не добиле никакво барање за заштита од него, иако тој е бугарски државјанин.

Во одговор на барање на Дојче веле, од прес-центарот на бугарското министерство за надворешни работи соопштуваат дека „Орце Камчев не барал помош од МНР на Република Бугарија“.

Според Специјалното јавно обвинителство, Камчев поседува бугарски пасош и бугарско државјанство, како и фирма во Бугарија. Од бугарската влада велат дека тие не биле формално информирани од властите во Северна Македонија за тековниот кривичен прогон и преземените мерки кон Камчев, а за нив дознале од објавеното во медиумите.

„Г-н Камчев не испратил никакво барање кон бугарскиот премиер и кон бугарските власти за каква и да е заштита. Овој случај не може да влијае на односите на пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија“, додаваат од бугарската влада.

Во бугарската Агенција за национална безбедност (ДАНС) велат дека го следат случајот, но официјалниот одговор оттаму гласи: „Без коментар“.

За потсетување, актуелната бугарска влада во 2018 година го предложи Камчев за почесен конзул на соседната земја во Македонија. Доколку Камчев станеше почесен конзул, тој ќе добиеше функционален дипломатски имунитет кој ќе му овозможеше и заштита од кривичен прогон во Македонија.