Поради споделена објава на социјалната мрежа Фејзбук со која се шири говор на омраза и загрозување на сигурноста на пратеници во Собранието на Република Македонија, 48-годишниот скопјанец Г.Т. заработи кривична пријава поднесена до надлежното јавно обвинителство согласно чл.319 и чл. 144 став 4 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Цел на пишувањето на обвинетиот на неговиот фејзбук профил биле осумте пратеници од опозицијата што гласаа за уставни измени.

Како што соопштија од МВР, секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи до Основно јавно обвинителство Скопје поднел Известување за откриени содржини во кои има повикување на насилство или најави за однесување кое би значело загрозување на туѓа безбедност, а се објавени на профили на социјалната мрежа Фејсбук, кои се соодветно документирани.

Од полицијата известуваат дека нивните надлежни служби и понатаму ќе продолжат со активностите со цел санкционирање на ваквите случаи и ги повикуваат граѓаните коишто се изложени на вакви закани или сведочат за вакви закани, истите да ги пријават во најблиската полициска станица или на адресата cybercrime@moi.gov.mk.