По вчерашните „паѓање“ на електронската апликација за попис на населението, проблемите се отстранети, изјави денеска директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски. Во изјава за новинарите, тој рече дека секогаш кога се работи со технологија, можни се пречки, но како што нагласи, направен е „апдејт“ на апликацијата, а целиот систем за пописот потоа е рестартиран.
-Во моментов апликацијата е во функција и попишувачите на терен нормално ја извршуваат својата задача, внесуваат податоци кои ги добиваат на терен, од домаќинствата кои ги посетуваат, рече Симовски денеска во Куманово, по посетата на Регионалниот пописен центар лоциран во седното техничко училиште.
Симовски ја отфрли можноста поради вчерашните прекини во работата на апликацијата да се внесени двојни податоци.
-Погрешни ви се таквите информации, одговори директорот.
Симовски рече дека досега никој не е казнет од оние граѓани кои одбиле да соработуваат со попишувачите, нагласи дека станува збор за мал број на случаи на одбивање да се дадат податоците и рече дека е обврска на државните инструктори да разговараат со овие лица.
Според последните податоци со кои располагаше директорот на Државниот завод за статистика, до утрово попишани биле околу 150 илјади лица.
Comments are closed for this post.