Нема потреба да бараат, има таква графа, има за сè што ќе се изјаснат, ова е коментарот на директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, во однос на денешната изјава на шефот на дипломатијата Бујар Османи со која тој ги повика претставниците на бугарските здруженија во земјава да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот.

Симовски појасни дека во формуларите за попишување не се издвојуваат одредени националности, туку графата е празна и им се остава на граѓаните сами да си кажат.

„Секогаш било и сега е таков принцип, за граѓанинот кога се изјаснува да не може да му се влијае на кој било начин. Ако вие му дадете да избира од одреден список на припадности, тогаш вие на некој начин влијаете. Затоа е празна графата, со впишувањето на првите три букви од она што се изјаснува, се повлекува она што го имаме ние во кодексот на шифри и за да може да се добие, бидејќи во статистиката секој запис се префрла во бројка, соодветен код. Меѓутоа, празна е за да нема влијание. А, во кодексот на шифри е ставено сѐ што постои сознание дека некогаш во оваа држава некој се изјаснил за некаква етничка припадност, стои во тој кодекс и има можност и право“, рече Симовски.

И ако за некоја националност не е вметнат код во системот, тоа не е проблем, па некој и да се изјасни и како Марсовец, ќе биде потпишан како таков.

„И да не стои, ќе добие своја дополнителна шифра бидејќи, на крајот на краиштата, има преку 2 000 етнички заедници во светот, ние не можеме да ги предвидиме сите кои се и што се. Како и да е, дури и нешто што е невозможно, да одиме и на оние најбанални случаи, некој да се изјасни како Марсовец, како таков ќе се запише и ќе добие свој код“, рече Симовски.

извор: 360 степени