Универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова размислува дали да се кандидира на претстојните претседателски избори откако триесетина професори, академици и ителектуалци упатија повик пошироката јавност да ја поддржи нејзината кандидатура. Во изјава за Пресинг ТВ Силјановска вели дека силно ја допрел повикот, но мора да размисли за тоа дали ќе се вклучи во претседателската трка. Иако до сега не се гледала себеси на оваа позиција.
Зад иницијативата стојат еминентни личности со голем интегритет. Некои од нив се можеби и посоодветни од мене. Допрена сум, иако морам да размислам. Можеби ако размислувам рационално и ако се навратам на моите изјави од 1994 дека нема веќе да се занимавам со политика одговорот би бил негативен. Но имајќи го предвид емотивниот момент и специфичноста на ситуацијата во која Македонија се наоѓа 75 години по АСНОМ и она што поранешниот претседател Киро Глигоров своевремено го изјави, а тоа е дека “Македонија е се што имаме” ме тера да размислам. Ова се најтешките моменти за мене како професор и како човек, вели Силјановска за Пресинг ТВ.
Според потписиниците на иницијативата сега не е време за нормален политички натпревар и како единствена рационална алтернатива се наметнува обединувањето зад личност, зад кандидат кој со сиот свој животен и академски хабитус, морал и интегритет, се издигнал над ситните меѓупартиски и меѓуетнички ривалитети.
Таква надпартиска личност, сметаат професорите, е Гордана Силјановска-Давкова, професорката на Правниот факултет во Скопје.
Како никогаш порано, во најтешките моменти на поновата национална и политичка историја, на Македонија ѝ е итно потребен здружен опозициски блок, кој ќе ги обедини сите граѓански и интелектуални капацитети. Со оглед на состојбата, ова ќе биде работа на повеќе генерации, но првиот предизвик со кој треба да се соочиме на политички план се претседателските избори. Станува збор за навидум помалку важна институција во парламентарен систем, но историскиот миг ја прави повеќе од значајна. Во услови на нарушени контролни механизми, дерогација на поделбата на власта и на системот на „кочници и рамнотежа“, во ситуација кога ставот на граѓаните изразен на референдум беше безобразно заобиколен, институцијата Претседател на Републиката е последниот, или поточно првиот, браник на уставните вредности. Свесни дека учеството во политички натпревар во вакви околности бара голема саможртва, особено при окториран устав и изменето име, ние, долупотпишаните, јавно ја повикуваме Гордана Силјановска-Давкова да размисли за можноста да се појави како кандидат на претстојните избори. Се надеваме овој апел ќе стаса и до најголемата опозициска партија во Собранието, со цел да создаде поширока општествена синергија и да застане зад нашиот предлог. Во овој момент ни е потребен претседател кој нема да спроведува нечија партиска политика, туку ќе биде гласот на разумот, правото, Уставот и совест на граѓаните. Доколку ја испуштиме оваа шанса да излеземе сплотени околу една исклучителна личност, ова можат да бидат и последните непосредни избори за претседател на Републиката. Силјановска-Давкова може да внесе разум, знаење и морал на политичката сцена, и дека ќе ги обедини македонските граѓани на кои суштествено им е потребен заеднички глас во полза на владеење на правото и здравиот разум, пишуваат универзитетските професори“, се вели во повикот на професорите, стои во повикот.
Потписници на повикот се:
1. Катица Ќулафкова, академик
2. Наде Проева, професор
3. Каролина Ристовска-Астеруд, професор
4. Фредерика Поповска-Павловска, професор
5. Билјана Ванковска, професор
6. Жидас Даскаловски, професор
7. Елка Јачева Улчар, професор
8. Михајло Миноски, професор
9. Никола Павловски, професор
10. Богдан Богданов, професор
11. Снежана Филипова, професор
12. Костадин Тренчевски, професор
13. Ивица Милевски, професор
14. Јован Донев, професор
15. Велика Стојкова Серафимовска, професор
16. Валериј Софрониевски, професор
17. Јани Бојаџи, режисер
18. Ружица Манојловиќ, професор
19. Игор Улчар, професор
20. Константин Миноски, професор
21. Марија Ристевска, доцент
22. Драги Митревски, професор
23. Тихомир Стојановски, професор
24. Благоја Јанаков, професор
25. Петре Георгиевски, професор
26. Јане Богданов, професор
27. Виктор Ѓамовски, професор
Comments are closed for this post.