На прашањето каков е нејзиниот став за Договорот од Преспа, кандидатот за претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска вели дека тој ги урнал и последните траги од правната држава, со образложение дека ја приближува земјата до ЕУ.

Јас сметам дека ја отвори Пандорината кутија внатре во земјата, посеа семе на раздор и можни идни конфликти, а и демонстрираше непочитување на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ, задолжителното меѓународно право (ius cogens) уставот и законите, но и етиката. Прашањето за македонскиот народ не е затворено, и никогаш вака не може да се затвори. Како професор на уставно право од Жан Жак Русо и Џеферсон до современите конституционалисти се укажува дека секоја генерација има право на свој устав. Одтука т. н. вечна клаузула за непроменливист на новото име не може да опстои. Една од првите работи кои ќе ги преземам како претседател е преиспитување на правната валидност на Преспанскиот договор во светлина на одредбите на Виенската конвенција, и тоа со помош на врвни професори и експерти по меѓународно и уставно право од светски ранг. Втората работа е будењето на уставниот суд од зимскиот сон кој трае со години-објаснува Силјановска во интервју за магазинот „Економија и бизнис“,