Кандидатот за претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска Давкова попладнево оствари средби со жителите на Маџари, Хиподром и Гази Баба, каде порача дека на 5 мај ќе победи правдата и правото.

Според неа, за овие две и пол години власта не направила ниту една значајна реформа која ќе биде од значење за граѓаните, освен промената на уставното име на државата.

„Власта секогаш го кршеше правото за свои цели и интереси, но на тоа треба да се стави крај, а нивниот крај ќе биде на петти мај. Но, истовремено петти мај ќе значи и почеток на право и правда која ја немаше овие две ипол години“, додаде Силјановска Давкова.

Ги повика граѓаните да излезат масовно да гласаат бидејќи, како што рече, иднината е во нивните раце, во нивниот глас, да одлучат во каква земја заслужуваат да живеат.

„Ми се чини дека последниот ден од кампањата беше доказ дека беше најцрн во црната кампања кон мене, морам да кажам. Тоа е само знак или доказ дека уште еднаш власта на заминување е најстрашна власт. Очигледно дека во недостиг на аргументи, во недостиг на знаење, во недостиг на дигнитет и интегритет како во дебатните емисии така и на билбордите, така и во настапите кампањата беше најчесто ad hominem до колку не беше наместена. Што очекувам? Мислам за настапите, ние одевме на отворени митинзи таму можеше секој да учествува, а власта посегна кон еден „специјален модел на водење на кампања“, која кандидатот се разбира беше заштитен“, изјави Сиљановска.