Дојде мигот кога сите треба да се соочат со резултатите од катастрофалното речиси две ипол годишно владеење. Се нарекоа реформска влада и народот очекуваше реформи, очекуваше демократија, очекуваше владеење на право, борба со корупцијата и криминалот, битка со непотизмот, очекуваше европеизација. Ама таа не дојде.

Ова го порача кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова на вечерашниот митинг во Скопје пред огромниот број на граѓани.

Единствената промена која ја направија е промената на името, најболната промена. Македонија е прекрасно име, во женски род е, не и треба придавка. Пред вас стои токму жена, затоа што на Македонија и треба жена. На татковината и треба жена. Јасно е зошто. Затоа што ние имаме потежок живот од мажите. Треба да докажуваме дека сме добри професорки, покрај добри мајки, добри пријателки и тоа нè прави посилни и побогати. Сега дојде времето да ги покажеме способностите. Не само човечките туку и женските. Реформската влада има само 4 министерки од 26, замислете каков смисол за рамноправност, пардон, нерамноправност имаат. Само 6 градоначалнички се жени, порача Силјановска Давкова.

Таа порача дека ќе и ја врати силата на Македонија бидејќи никогаш не и била попотребна.

Владата ниту е европска ниту е реформска. Македонија е потоната во отсуство на владеење на правото. Правдата е селективна, ја стигнува само опозицијата, а никако да допре некој од власта иако секој ден слушаме на тони скандали, криминали, фамилијарно вработувања, истакна таа.