„Силата на аргументите мора да победи. Вистината е на наша страна. Мораме да донесеме право и правда во Македонија. Време е“, порача кандидатката за претседател на државата Гордана Силјановска пред граѓаните на скопската општина Карпош.

Таа рече дека на 5 мај граѓаните гордо за гордата Македонија ќе гласаат и ќе победи, бидејќи, како што рече, крајот на власта е на повидок, а нејзината победа веќе е на дофат.

„Потребно е во вториот круг дополнително да се охрабриме, да разговараме со нашите пријатели кои имаат различни причини за бојкот на изборите. Да им ја објасниме важноста на овие избори. Да ги убедиме да излезат и да гласаат за право и правда во Македонија, рече Силјановска.

Таа најави дека за таа цел лично ќе разговара со луѓето од „Бојкотирам”, како и со сите граѓани, без разлика на етничка, верска или каква било припадност.

Силјановска им се заблагодари на сите што ја поддржаа во првиот круг од претседателските избори со што, како што рече, и дале дополнителна сила за да победи, се со цел правдата да преовладее во државата.