Како одминуваат рочиштата за случајот „Рекет“, така на површина излегуваат и извесни противречности од сведочењето на одредени сведоци. Откако денеска беа презентирани фискалните сметки за шопингот на Бојан Јовановски-Боки 13 и неговата мајка Јасмина, стана јасно дека за само три дена на гардероба биле потрошени 148.036 евра.
Во придружба на Боки 13 и неговата мајка во Милано била и нивната кума, судијката Мери Дика Георгиевска. Во своето сведочење, Дика Георгиевска потврди дека при шопингот бил користен и нејзиниот пасош, но притоа таа истакна дека сумата не била којзнае колку висока.
Ако се претпостави, дека во просек биле трошени по 50.000 евра на ден, сега се поставува прашањето што за судијката Мери Дика Георгиевска претставува висока сума за шопинг на гардероба? И колку од износот се води на нејзиниот пасош?
Сведочењето на истиот сведок, односно на судијката Мери Дика Георгиевска стана контрадикторно и по објавата на Делегацијата на ЕУ во Скопје дека таа никогаш не потпишала договор за средства или им обезбедила средства од ЕУ фондовите на Бојан Јовановски или на неговата невладина организација Меѓународен сојуз.
-Кога се врати од Белград, Бојан (Боки 13)се занимаваше со проекти за заштита на ранливи категории граѓани кои беа финансирани од ЕУ, сведочеше меѓу другото Дика Георгиевска.
Comments are closed for this post.