Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, вели дека Законот за пензионирање до 62, односно 64 години е стигнат до второ читање во Собранието.

Блокиран е од опозицијата со 400 до 500 амандмани и расправата е доведена до амандманска расправа, појасни Шахпаска.

Таа вели дека Законот е предложен од страна на пратеници, а не од Министерството.

Ги повикувам пратениците да најдат решение, затоа што нашите сознанија се дека сите амандмани се исти за преместување на рокот за важење на законот, рече Шахпаска.

Таа подвлече оти Законот за докуп на стаж е процес којшто ќе трае, а тие ќе го исполнат предизборното ветување до граѓаните.

Ние кажавме дека ова прашање ќе биде регулирано во Закон, меѓутоа не кажавме во која временска рамка тоа ќе се заврши, вели Шахпаска.

Министерката вели дека реформите кои течат, а се со поддршка на Светската банка и се однесуваат на пензинскиот систем имаат своја временска рамка до почетокот на 2024 година. Таа истакна дека треба да се има предвид дека пандемијата со Ковид-19 ги забавила дел од процесите кои се одвиваа минатата година.

Во моментот во МТСП интензивно се работи на законското решение за работни односи. Интензивирани се активностите во работната група, затоа што тоа е првиот приоритетен закон кој треба да се донесе оваа година. Понатаму Законот за безбеност и здравје при работа. Паралелно со ова, а со поддршка на Светска банка, во МТСП се одвива и проектот со којшто се предвидува воспоставување на централен регистар на осигуреници во државата, понатаму носење на нов закон за вработување на лица со попреченост, како и реформите во пензинскиот систем. Паралелно во МТСП се работи на сите овие прокти, вели Шахпаска.