Собранието денеска од 12 часот ќе ја продолжи 110-тата седница на која се расправа за нови членови на Владата односно за избор на двајца министри – Нина Ангеловска и Хисен Џемаили, и за тројца заменици-министри – Кирил Колемишевски, Елизабета Наумовска и Неџад Мехмедовиќ, кои се предложени од премиерот Зоран Заев.
На продолжението на седницата синоќа , која претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина во 22.30 часот, се дискутираше како на седница за пратенички прашања – за „Рекет“, за откупот на грозје и каналите за наводнување, за политичката состојба, законот за јавно обвинителство, платите на наставниците и предвремени избори…
Пратениците од опозицијата продолжија со критики за предлогот на премиерот основачката на Групер.мк, 31-годишната Нина Ангеловска, да биде министер за финансии затоа што, како што посочија, тоа е најсериозна функција во Владата по премиерската.
Сметаат дека државната каса ѝ се дава на неискусна личност која нема познавања од јавните финансии и дека е ризично да се експериментира во време на „девастирана економија“ и кога, според нив, „задолжувањето, криминалот и корупцијата се алармантни“.
Во одбрана на предлогот, премиерот Заев одговори дека Ангеловска е успешен менаџер во управување со сложени системи и дека покажала оти прогресивни методи во светот може да се применат кај нас.
Со вакви пораки и недавање шанса, не ги мотивирате младите да останат и да создаваат тука, им порача Заев на опозициските пратеници.
Ангеловска треба да ја наследи функцијата на Драган Тевдовски кој не е министер за финансии по реконструкцијата на Владата во јуни.
Хисен Џемаили е предложен за министер без ресор задолжен за подобрување на инвестициската клима. Кирил Колемишевски е предлог за заменик-министер за економија, Елизабета Наумовска за заменик-министер за образование и наука, а Неџад Мехмедовиќ е предложен за заменик-министер во новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.
Comments are closed for this post.