Владата денеска ќе ја одржи 153-тата редовна седница, на чиј дневен ред се повеќе точки од областа на надворешната политика, безбедноста, економијата и земјоделството.

Како што информира владината прес-служба, на денешната седница на предлог на Министерството за надворешни работи, Владата ќе ја разгледа информацијата со Предлог-платформа за учеството на делегацијата на Македонија на 74-то редовно заседание на Генералното собрание на Обединетите нации, како и информацијата за подигнување на статусот на Македонија во Заедницата на демократии и поднесување барање за стекнување статус на земја членка на Управниот одбор на Заедницата на демократии.

На предлог на Секретаријатот за европски прашања, на оваа седница ќе биде презентирана и информацијата за пристапувањето на Македонија во стратегијата за Јадранско – Јонскиот регион.

Владата денеска ќе се произнесе и по информацијата за преземање иницијатива и напредок во процесот на усогласување на текстовите на Договорот помеѓу Агенцијата за храна и ветеринарство и Центарот за проценка на ризик во ланецот на исхрана на Република Бугарија за соработка во областа на безбедност на храната и ветеринарната политика и Договорот помеѓу Агенцијата за храна и ветеринарство на Македонија и Агенцијата за безбедност на храна на Бугарија за соработка во областа на безбедност на храната и ветеринарната политика.

На оваа седница владата ќе ја разгледа и ќе донесе одлука за Предлог – програма за изменување на Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2019 година и Програма за изменување на Програмата за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија за 2019 година.

За оваа седница на Владата, Министерството за внатрешни работи ја предлага за разгледување Предлог – уредбата за обезбедување на тајност, заштита и безбедност на податоците содржани во интегрираната база на податоци за странци вклучувајќи податоци за азил, миграции и визи, како и предлогот за поведување постапка за водење преговори за склучување на Протокол помеѓу Владата на Македонија и Владата на Грција за соработка во областа на борба против трговија со луѓе.

На седницата ќе биде презентиран и извештајот за извршени преговори со усогласен текст на Договор меѓу Владата на Сојузна Република Германија и Владата на Македонија за соработка во борба против криминалот.