Заклучно со септември годинава, Оперативно-техничката агенција (ОТА) технички посредувала во активирање на мерката за следење на комуникациите во вкупно 369 комуникации. Во јули годинава, пак, активно биле следени 159 комуникации. Тоа значи дека за период од само три месеци, бројот на прислушувани разговори е зголемен за повеќе од двојно.

Овие бројки произлегуваат од последното интервју за МИА на директорот на ОТА, Зоран Ангеловски, што беше објавено пред само неколку дена, на 2 ноември, и неговата изјава од 19 јули, исто така годинава, дадена при посетата на Агенцијата од страна на собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, со која претседава пратеникот Емил Димитриев.

ОТА, како што објасни во последното интервју директорот Ангеловски, обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и овластените органи и не поседува техничка можност за пристап до содржината на следената комуникација, што значи дека ОТА не прислушува.

Техничката поврзаност се обезбедува исклучиво врз основа на судска наредба заради спроведување на следењето на комуникациите во согласност со Законот за следење на комуникациите, односно ОТА постапува само врз основа на добиена судска наредба – изјави Ангеловски.

Тоа што во моментов станува актуелно е дали меѓу следените комуникации се наоѓа и телефонскиот број на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски? Дилемата произлезе отако тој беше пречекан по излегувањето од амбасадата на Руската Федерација во Скопје од страна на новинар, кој важи за медиумска перјаница на власта. И тоа не заради самите разговори водени во амбасадата, туку како за нив дознал и тоа во точно определено време и место единствено медиумската перјаница на власта?

Актуелниот собраниски состав се уште ги нема комплетирано контролните механизми за работата на безбедносните служби во државата.