Резултатите од претседателските избори и можните кадровски смени во партиските редови, но и во извршната власт се тема на вечерашната седница на Централниот одбор на СДСМ што почна во седиштето на партија на Бихачка.

Фросина Ташевска Ременски, потпретседател во СДСМ пред почетокот на седницата очекува да бидат продискутирани предлозите што ќе ги поднесе лидерот на партијата Зоран Заев, а одлуките да бидат донесени со консензус.

-Ние сме политичка партија која што дискутира за сите прашања низ органите на партијата и одлуките ги носиме со консензус без притоа да ги мериме низ личната перцепција. Сето она што го имам да го кажам како мој став и како моја забелешка ќе го дадам на централниот одбор. Ќе ги слушнеме одлуките и предлозите од лидерот. ќе ги дискутираме и Централниот одбор ќе носи одлуки, изјави Ременски, која е пратеник и потпретседател во Собранието.

Пред почеток на состанокот министерот за внатрешни работи и потпретседател на партијата Оливер Спасовски рече дека очекува вечерва да донесат одлични одлуки.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески прашан дали очекува да биде сменет од функцијата, не сакаше да даде коментар, туку рече дека има доверба во мандатарот.

Пред почетокот на седницата изјава даде и потпретседателот на партиајта и градоначалник на Скопје Петре Шилегов.

-Очекувам дека одлуките што вечерва ќе ги донесеме ќе бидат одлуки што ќе овозможат функционална организација и на партијата и на институциите, како и победа над примитивизмот, фашизмот и неписменоста што ги промовира ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 15 години, изјави Шилегов.

Цернтралниот одбор заседава во проширен состав. Покрај најтесното раководство, тука се и пратеници и министри, претставници на општинските организации, како и претставници од партиите во владината коалиција