Објавувањето фотографии на гласачи  е противправно дејство кое го нарушува процесот на гласање и претставува попречување на правото на гласање. Секое сликање или снимање на гласачи при остварување на нивното право, како и какво било попречување на гласањето и процесот на спроведување на референдумот не се дозволиви согласно на закон, соопшти Комисијата за следење евентуални противправности сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот при Јавното обвинителство на РМ.

Според Комисијата, вакви дејства преземени во текот на процесот на гласање, ќе бидат предмет на приоритетно постапување на Јавното обвинителство.

Комисијата, како што информира, продолжува перманентно да го следи процесот на гласање за што се воспоставени и дополнителни дежурства во јавните обвинителства.

За евентуално извршени кривични дела и поведени постапки против сторителите, јавноста ќе биде информирана, стои во соопштението од Јавното обвинителство на РМ.​

Ваквата реакција следи откако се појавија снимки на фејсбук страницата „Предавници“ од пред гласачко место пред кое иселеници од Македонија стоеја и на оние што доаѓаа да гласаат им се закануваа и ги навредуваа.

Фејсбук ја избриша страницата.

За инцидентот во Австралија реагираше Мминистерството за надворешни работи.

Најостро го осудуваме објавувањето на снимки на социјалните медиуми како и навредите кон македонски граѓани во Австралија, кои решиле да излезат и да гласаат на референдумот. Ова претставува директно прекршување на основното демократско право на гласање, но и влијание врз референдумскиот процес, како и прекршување на правото на приватност за време на гласање. Каков било обид за влијание или притисок врз гласачите на денот на гласање за референдумот е недопустливо“, се вели во реакцијата на МНР.

Од министерството велат дека локалните власти биле известени за инцидентот.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги повика граѓаните да пријават на бројот 192 доколку гласаат на референдумот и забележат дека се неовластено снимани.

Доколку забележите дека некој ве снима, го извикува на глас вашето име и презиме, или на било кој начин го попречува вашето право да гласате, веднаш пријавате на 192 или на полицискиот службеник во близина на вашето гласачко место“, напиша Спасовски на  Твитер.