Зад наводното неприфаќање обвинителката Рускоска да продолжи да го води Јавното обвинителство се крие само уште едно алиби на ВМРО-ДПМНЕ за неприфаќање на новиот предлог закон, соопшти СДСМ.

Во соопштението владејачката партија вели дека „единствената цел на Христијан Мицкоски е да го брани криминалот на Никола Груевски“.

„Во амандманите што ВМРО-ДПМНЕ ги имаше дадено на претходниот текст на Законот за јавно обвинителство во работните групи предлагаа спојување на СЈО во ОЈО. Во ниту еден амандман не се бараше прекин на мандатот на обвинителката Русковска, односно, како што е и со сегашниот предлог, да продолжи да ја врши функцијата.

Тоа што не им сметало сега одеднаш им смета, со што се потврдува дека само бараат алиби за неприфаќање на законското решение“, се вели во соопштението.

СДСМ постетува дека обвинителите ги бира Советот на јавни обвинители.

„Предлог-законот предвидува спојување и оттука логично е мандатот да го продолжи обвинителката којашто веќе ја извршува оваа функција. Јасно е, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го бранат криминалот, а СДСМ бескомпромисно се бори против криминалот и корупцијата.

Христијан Мицкоски побегна од лидерска средба, но од правдата нема бегање.

Секој што го прекршил законот ќе се соочи со правдата“, се истакнува во соопштението.