Партиите на големо се подготвуваат за претседателските избори. Се анализира кој кандидат би бил најпогоден, се спроведуваат внатрешни анкети.

Во ВМРО-ДПМНЕ веќе тече повикот до сите заинтересирани да се пријават за избор за шеф на државата. Според информациите на Пресинг Тв веќе во партијата биле пристигнати неколку кандидатури, но официјално од ВМРО-ДПМНЕ не ја откриваат точната бројка, ниту пак имињата.  Пријавувањето трае до крајот на месецов. Завршната конвенција на која ќе биде познат кандидатот ќе се одржи на 16 февруари во Струга.

Лидерот Мицкоски пред неколку дена истакна дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги бојкотира претседателските избори и дека очекуваат победа.

Во СДСМ пак се уште траат консултациите за избор за шеф на државата. Како што истакна денеска Фросина Ременски, се уште не дошле до тоа да разговаараат за конкретни имиња,  туку дали ќе одат свој кандидат или пак со консензуален како што бара ДУИ.

Токму ДУИ ја заговара идејата коалициските партнери да излезат со т.н консензуален кандидат. Од партијата на Ахмети не инсистираат тоа да биде Албанец, туку тој да биде прифатлив за двете заедници.

Она што како аргумент го користи ДУИ при разговорите со раководството на СДСМ е што доколку имаат заеднички кандидат имаат реални шанси за победа уште во првиот круг.

Што се однесува до другите партии на Албанците, голема е вевојатноста Беса и Алијанса да излезат со заеднички кандидат за иден шеф на државата.