СДСМ и владејачкото мнозинство продолжуваат да ја погазуваат парламентарната демократија и дебатата во Собранието. Денеска во Собранието, Талат Џафери по скратена постапка поднесе два значајни закони и тоа Измени и дополнувања на кривичниот законик, како и целосно нов Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Ова е шверцерски начин на носење на два значајни закона во државата, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската партија нагласува дека согласно член Член 170 од Деловникот на Собранието, Предлагачот на предлогот на законот може да му предложи на Собранието да расправа по предлогот на законот по скратена постапка во случај кога: не е во прашање сложен и обемен закон, престанок на важноста на некој закон или одделни одредби од некој закон или не се во прашање сложени или обемни усогласувања на законот со правото на Европската унија.
„Ниту еден од гореспоменатите услови не го исполнуваат овие два закони за да бидат поднесени по скратена постапка. Да биде трагедијата уште поголема, Владата овие два закони ги достави во Собранието по редовна постапка при што Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси го помина првото читање на комисија и на пленарна седница, поради што беше и закажана за петок 28.12.2018 Комисија за политички систем со цел да се разгледа законот во второ читање за што СДСМ имаат поднесено 40-тина амандмани. И сега владата ги повлекува овие закони и се предлагаат од страна на пратениците од власта, и тоа по скратена постапка. Ова е доказ дека Владата и владејачкото мнозинство бегаат од дебата и транспарентност. Самиот факт што не дозволуваат во Собранието да се дебатира, значи дека кријат од јавноста и експертите ваквите закони да бидат разгледани и оценети“. се наведува во истото соопштение.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека СДСМ и Талат Џафери Собранието го претворија во синоним на нетранспарентност и газење на легислативата и процедурата.
„Досега јавноста беше сведок на кратење на дебата преку поставување на европски знамиња за акти кои тоа не треба да го имаат, за оневозможување на расправа, за оневозможување на поднесување на амандмани и редица други прекршувања. Денешниот случај уште еднаш потврди дека Собранието од дом на народот се претвори во дом на Заев и криминалниот картел на власт кој го злоупотребуваат за носење на решенија кои ќе ги заштитат од гонење на нивните криминали и коруптивни скандали“, наведува ВМРО-ДПМНЕ.
Comments are closed for this post.