Околностите и решението на овој Суд, со кој ми се укина притворот, се исти. Исти се и околностите, само како рефреширање на меморијата. Имотот во Република Македонија и во странство, другите предмети, што се водат против мене, запретените казни и престојот, но не поседувањето на државјанство, во Република Чешка се и сега присутни.

И тогаш и сега дадов и давам збор дека нема да бегам. Јас го одржав зборот, стојам зад него со целиот свој кредибилитет и верувам во Судот, изјави поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков на вчершната отворена седница пред Судечкиот совет на Апелациониот суд, кој треба да одлучи по поднесената жалба на одредената мерка питвор до правосилноста на затворската казна од три години изречена во случајот „Титаник 2“.

Од шестмината осудни, само Мендух Тачи не поднесе жалба за одредените мерки за претпазливост. Притвор им беше одреден на Мијалков и Бедредин Ибарими, додека на останатите осудени Влатко Сајковски, Сашко Срцев и Анита Стојановска им беа одредени други мерки на претпазливост.

Одбраната на Мијалков одлуката за притвор ја оцени како преседан и апсурдна. Според адвокатот Љупчо Шврговски, со неа  се направени суштествени повреди на Законот за кривична постапка. Во решението не е образложена одлуката, смета тој, туку се користат само познатите правни термини како кривична одговорност и видот на делото, а со ништо не се докажува дека Мијалков не ги почитувал претходните мерки како домашниот притвор и јавувањето еднаш неделно во судот, мерка која ја имаше пред притворот.

Повредена е кривичната постапка и затоа што во решението пишува дека притворот се определува до правосилноста на пресудата, која допрва ќе ја обжалиме. Во притвор може да биде, но не и подолг од 60 дена, рече Шврговски.

Одбраната го оспори и тоа што притворот го определил судечкиот совет, кој го водеше предметот „Титаник 2“, а по објавувањето на првостепената пресуда, според неа, одлуки за притвор не треба да носи тој, туку кривичниот совет во судот.

Бранителот Петар Василев потенцираше дека е апсурдно тоа што за Мијалков сега има две мерки-притвор во „Титаник 2“ и домашен притвор за „Империја“.

Обвинителството не достави било каков доказ дека се спрема бегство. Напротив, изнесе претпоставка дека Врховниот суд кога и да е, ќе го укине домашниот притвор во „Империја“ и тој ќе излезе на слобода и поради тоа постоела околност, опасност од бегство. И по 20 дена по пресудата, Врховен сѐ уште не му го укина решението за притвор во „Империја“. Таквите претпостсвки се покажаа дека се неосновани. Па која мерка сега Мијалков ја издржува? За која мерка течат деновите за кои се наоѓа во притвор и како утре ќе знаеме колку дена и за кој предмет се наоѓал во притвор, рече Василев.

Според одбраната, спорни се и роковите на СЈО од 18 месеци. Обвинителниот предлог е поднесен 25 дена по истекот на 18-те месеци, односно на 29 јуни 2017, а надлежност СЈО воспостсвило на 4 декември 2015.

Обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи побара од Судот жалбите на сите обвинети да бидат отфрлени како неосновани. Шрто се однесува до Мијалков, според неа, самиот факт што Апелација донесе одлука за домашен притвор во предметот „Империја, самиот по себе доволно говори дека постои реална опасност за неговот бгство.

Судот треба да се произнесе по жалбите во рок од 48 часа.