Македонското Министерството за надворешни работи денес „категорично ги отфрли“ наводите и квалификациите изнесени во коментарот на Департманот за информирање на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација од 22 октомври 2018 година, во врска со изгласување на предлогот за пристапување кон измени на Уставот во Собранието на Република Македонија.

„Министерството за надворешни работи на Република Македонија ги смета наводите во коментарот како целосно неосновани и невистинити, изнесени со јасна тенденција да се компромитира политичкиот процес од историско значење за Република Македонија и за сите нејзини граѓани. Пратениците во Собранието на Република Македонија, со целосно почитување на сите демократски принципи и предвидената парламентарна процедура, донесоа одлука која ги рефлектира децениските заложби на Република Македонија за членство во НАТО и во Европската унија, како стратешки приоритети за кои постои најширок можен општествен консензус, а што добро им е познато и на нашите руски пријатели“, стои во денешното соопштение.

МНР притоа потенцира дека Македонија и во иднина ќе се залага за развивање и унапредување на односите и со Руската Федерација, врз основа на традицоналното пријателство на народите, како и меѓусебното почитување и уважување на правото на самостоен и слободен избор на сопствената иднина.

Руското МНР завчера соопшти, користејќи саркастичен вокабулар, дека измените се донесени „според каноните на модерната европска демократија“. Москва констатира дека осумте пратеници биле обезбедени со уцени, закани и поткупи. „Три од нив на тој ден – демек како случајно – беа ослободени од притвор…Парламентарците беа заклучени во канцеларии, мобилните телефони им беа одземени. Вреди да се забележи дека американскиот амбасадор беше во парламентот до крај на седницата, со што не се остава дилема кој го води процесот…Вакви валкани манипулации не може да се сметаат како израз на волјата парламентарците…Решението за спорот меѓу Атина и Скопје мора да биде засновано на легални основ, врз широка поддршка од народот и да не го делат општеството“, се наведува во ставот на руското МНР.